Арсовска објасни зошто портретите на претходните градоначалници се преместени „во ходникот каде што се тоалетите“

„Уште еден обид за сензационализам, за жал“ – вака градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ги оцени објавите во медиумите кои сугерираа дека таа ги преместила портретите на нејзините претходници од салата за состаноци во „ходникот кој води кон тоалетите“, во знак на непочитување кон претходните градоначалници на Скопје.

„Во салата за состаноци практично се реновира и јас сметав дека многу подобро е тие да бидат времено поставени во холот отколку да седат во кутија во некој магацин. Секако, ќе бидат вратени на своето место првобитно место каде што си стоеле толку време, меѓутоа откако ќе завршат, нели, процесите на реновација. Верувам дека ќе се сложите…“, објасни Арсовска во гостувањето во „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“.

„Повторно кажувам, обид за сензационализам е… Во ниту еден случај никој од градот Скопје не би сакал да покаже непочит, не само кон оние личности коишто го воделе градот досега, туку и кон било кој граѓанин во Градот Скопје. И верувам дека граѓаните треба да ги знаат причините, иако знам дека сигурно и потајно знаат кои се причините за сето ова кое се пласира во јавноста“, додаде градоначалничката, алудирајќи дека тоа е само уште еден дел од хајката против неа затоа што работи, како што вели, за интересите на граѓаните, а не за било чии приватни интереси.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.