Владата ќе обезбедува по 50.000 литри бесплатна вода дневно за граѓаните на Гостивар

Владата соопшти дека интервентно ќе обезбедува по 50.000 литри бесплатна вода за пиење дневно за граѓаните на Гостивар, почнувајќи од денес и во наредните неколку дена, поради состојбата со водоснабдувањето во градот.
Како што информираат од Владата, од првиот момент се во постојана координација со сите надлежни институции и внимателно го следат развојот на настаните.
„Покрај институционалниот одговор, постапувањето на надлежните органи и спроведувањето на сите неопходни контроли и анализи, Владата донесе одлука интервентно да обезбеди од денес и во наредните неколку дена по 50.000 литри бесплатна вода дневно за пиење за граѓаните на Гостивар, со цел да се обезбедат основните потреби на населението додека траат мерките и препораките на надлежните институции“, се наведува во соопштението.
Дистрибуцијата на водата ќе се врши преку Службата за општи и заеднички работи на Владата, на седум пунктови во Гостивар:
Водостопанство – Гостивар, ул. ЈНА бр. 139
Градинка „Пролет“,
ул. Беличица бр. 47
СЕОУ – Гостивар (Средно економско училиште),
ул. Живко Брајковски бр. 39
ЈП Национални шуми – Подружница „Шар“ Гостивар,
ул. Браќа Ѓиноски бр. 165
АД ЕСМ – Подружница кај гаражите (питарница),
ул. Илинденска
Општа болница „Ферид Мурад“ – паркинг,
ул. Чеде Филиповски бр. 29
Територијална противпожарна единица – Гостивар,
ул. Беличица бр. 35
Од Владата додаваат дека надлежните институции продолжуваат со интензивни контроли, анализи и истражни дејствија за утврдување на причините за настанатата состојба.
„Очекуваме целосно расчистување на случајот, а секој што ќе има утврдена одговорност ќе сноси одговорност согласно закон“, наведуваат од Владата.
Воедно, апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните институции и информациите да ги следат исклучиво преку официјалните канали, додека состојбата целосно не се нормализира.

Пронајдете не на следниве мрежи: