Владимир Јачев: Ќе навивам за нашиот, Мате е цар, Мате е најјак!

Да, се сеќавам на борбата… Многу храбро седнав да гледам со татко ми и вујко ми. Се силев: Ќе навивам за нашиот, Мате е цар, Мате е најјак! Негде 12 после полноќ. Во тоа време програма после 11 навечер беше реткост. Своевиден настан. Вујко ми не сакаше сам да ја гледа дома и дојде кај нас од соседната зграда. Почна боксот. Мислам дека Мате цело време беше во предност. Ако добро се сеќавам. практично ја имаше добиено борбата уште во петтата рунда. После тоа си поигруваше со противникот. Нешто во стил на Али. Првите пет рунди навивав за Мате.
Следните веќе почнав да го жалам Коељо. Ама не можев да признаам пред постариве. Нели, он не е нашиот. И кога се случи тоа во деветта рунда. Тоа беше тотален крах за мене. Го патосираше. Судијата го оградува Парлов. Го дава оној судиски знак со прекрстување на рацете дека борбата е готова. Мислам дека и на Мате не му се веруваше што се случи. Едноставно го покоси. Тетин ми Кољо (бог да го прости) следниот ден коментираше со воодушевување: Го скина како крушка! Еден прецизен директ, Аргентинецот само ја положи главата на рамо и како крпа се посла во аголот на рингот. Тогаш сфатив дека работава е посериозна од колку што изгледа. Влегуваат менаџерот и секундантот на Коељо во ринг. Едниот му ја вади заштитната гума од уста за да не се задуши. Драган Ниќитович, официјален коментатор на југословенска телевизија, вика колку што го држи глас: Мате, Мате, доџи да те пољубим!!! Го гледам поразениот превртува со очи. Едниот од неговата придружба му ја земал главата во скут и се обидува да го освести. И тоа трае. Вујко ми срипува во еден момент, вика: Готов е овој, умре! Јас: како бе умре?. Во истиот момент ми доаѓа да плачам. Заборавив и дека не е наш и дека по противникот не се жали. Плачев. Се насобра народ околу легнатиот. Не можев да видам од толку народ што се случува.Жив ли е, мртов ли е? И во еден момент го освестуваат. Кога видов дека е жив, почнав искрено да плачам. Вујко ми почна да ме теши: Абе не е нашиот овој. Нашиот тепаше! Ко јас после девет рунди не сум сфатил кој е нашиот кој е нивниот. Како да мене, седумгодишно дете, многу ме заинтересира дали оној што умира во ринг е нашиот или нивниот. Едноставно умира. За среќа, никој не умре. Се добро се заврши. Стана човекот. Го прогласија Мате за победник. Се гушнаа. Се заврши преносот. А мене… мене интимно, деновите после тоа, ми остана како еден вид пораз: Еј, сум плачел за противникот. А после неколку години… После некое време кога ќе го видев нокаутот на шпица на Спортски преглед (мислам дека го ставија на шпица уште првиот месец после мечот) многу често, не секогаш – ама многу често, ми доаѓаше да прашам: Абе што стана со човеков, жив ли е, здрав ли е? Само се плашев дека од некаде ќе ми се јави она глупо анти мачо чувство од кое како мал тогаш многу се засрамив…тоа, дека сум жалел по противникот. Момците никогаш не плачат, поготово не заради поразениот противник.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.