По вчерашната собраниска седница која наместо пратенички прашања помина во процедурални забелешки и надмудрувања, претседателот на Собранието смета дека треба да се најде начин да се надминат ваквите ситуации.
За МРТ, првиот човек на Собранието рече дека процедуралните забелешки стануваат политички инструмент и се злоупотребуваат.
– За жал, тој механизам веќе станува политички инструмент и се злоупотребува. Ќе треба да најдеме начин да го заокружиме во смислата во која е содржана во Деловникот – координаторите да го користат секогаш кога сакаат да укажат на процедура, а не за искажување политички ставови или за блокирање на седниците, рече Гаши за МРТ.
Тој појаснува дека деловничката можност за процедурално обраќање е замислена како механизам преку кој координаторите и пратениците ќе му укажат на претседателот или на службите доколку сметаат дека е прекршен Деловникот.
На вчерашната седница беше поставено само едно прашање што го упати лидерот на СДСМ до премиерот по што пратеничката Илире Даути неколкупати преку процедурални забелешки инсистираше да и одговори премиерот на прашање што претходно го имала упатено до него за законот за правична застапеност.
The post Гаши: Процедуралните забелешки стануваат политички инструмент и се злоупотребуваат appeared first on Provereno.



