Власта, премиерот и дел од медиумите обвинуваат дека мазутот што бил увезуван за потребите на ТЕЦ „Неготино“ не направил само буџетска штета, туку негативно влијаел и врз здравјето на граѓаните и животната средина, бидејќи бил „канцероген“. Меѓутоа, Јавното обвинителство во првичното известување по повод истрагата против снабдувачот „РКМ“, бизнисмените Капушевски, Сулкоски и Јахоски и поранешни директори и членови на комисии во ЕСМ, не го споменува овој еколошки аспект, туку акцентот се става на финансиската злоупотреба од 167 милиони евра. Сепак, од таму за „Фокус“ велат дека „не е исклучена можноста за проширување на истрагата, како кон други лица, така и за други кривични дела за кои во текот на постапката се обезбедени и допрва ќе се обезбедат докази“.
Уште пред Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција официјално да се обрати до јавноста со известување дека отворило истрага против 13 физички лица и едно правно лице во врска со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“, политичките партии од власта обвинија дека, освен врз буџетот се направила штета и врз здравјето на граѓаните, кои, според нив, биле труени со „канцероген мазут“.
„Врвот на лицемерието кога СДС и Венко Филипче ронат солзи за аерозагадувањето, а поради бизнис и пари нивниот пратеник и бизнис ас (Исмаил) Јахоски го труе народот со мазут. Денес нема да чуете од СДС загриженост поради загадениот воздух, но ќе видите како криминалците на Филипче поради провизии и бизниси го труеле народот со канцероген мазут. Колку училишта и министерства набавиле од канцерогениот мазут на другарите на Филипче?“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Истовремено, слично соопштение објави и нивниот коалициски партнер ВЛЕН, со тоа што тие нападот не го насочија кон СДСМ, туку кон нивниот главен противник -ДУИ. Според ВЛЕН, и овој случај покажал дека „сите патишта на ова раководство на ДУИ водат кон братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков“.
„Ратко Капушевски, поранешниот кадар на Груевски за директор на Борис Трајковски, како играч на Мијалков и Сергеј Самсоненко станува играч во бизнисот со нафта и се ортачува со синот на Исмаил Јахоски алијас Пуцко Петрол, човекот од највисока доверба на Али Ахмети. Со акција на МВР, овој режимски картел неофицијално се сомничи за испумпување на 10 милијарди денари преку фиктивни договори чиј предмет е штетен за воздухот и отровен мазут“, истакнаа од ВЛЕН.
Повеќе тука
The post Дали ќе се докаже и еколошки криминал или само финансиска злоупотреба за мазутот appeared first on 365.mk.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.