Даштевски: Очекувам првичните резултати од двојните избори да ги имаме пред полноќ

Државната изборна комисија (ДИК) е подготвена за претстојните претседателски и парламентарни избори на 8 мај, вели нејзиниот претседател Александар Даштевски.

Тој вечерва во интервју во дневникот на Сител објасни кои ќе бидат следните чекори на ДИК во организацијата на изборите.

За почеток, во наредните два дена, ќе се доставува доверливиот материјал, а потоа ќе се извршат и завршните подготовки за денот на гласањето.

Како што рече Даштевски, бидејќи се двојни изборите, избирачките одбори ќе мора да имаат по седум члена. Тоа, додаде, биле насоките дадени на седница на ДИК, по неколкучасовна дискусија, за подобро да се реализираат изборите.

„Ова е начин како до сега што се гласало, со спреј и УВ-лампа и кога ќе ви стават спреј не може по двапати да дојдете. Тој член остана во законот, член 108, тој важи за затвореници, болни, изнемоштени лица, за дијаспората, доколку не работи уредот ДИК може да донесе одлука да се продолжи на тој начин, така да мора да биде идентичен. Ова е софистицирана опрема и отпечатоците одат во софтверот“, рече Даштевски.

Претседателот на ДИК објасни дека гласачот, кога ќе влезе, ќе остави еден отпечаток. Тој ќе оди во софтверот за претседателските или за парламентарните избори, во зависност од тоа на кои ќе сака да гласа избирачот. Ако гласа на двата, тогаш отпечатокот ќе оди во двата софтвери.

„Едното лице врши идентификација за да не се створи гужва и да тече процесот нормално. Второто лице ве прашува дали за кои избори ќе гласате. Едно лице ќе ракува со избирачки список само за претседателските избори и едно лице ќе ракува со избирачки список само за парламентарните избори. Едно лице ќе биде задолжено за проверка дали гласањето се врши тајно и дали ливчињата се ставаат прописно во кутијата за гласање“, ја објасни процедурата Даштевски.

Прашан дали се крши приватноста со тоа што гласачите ќе мора да одговорат дали ќе гласаат само на едните избори или и за претседател и за парламентот, тој рече дека тоа не е така, бидејќи никој не може да изврши притисок за кого ќе гласа граѓанинот.

„Тоа не е во делот на тајноста затоа што зад параванот одлучувате за кого ќе гласате и го заокружувате бројчето, а ве прашуваат за кои избори ќе гласате – за едни, за други или за двата“, одговори Даштевски.

Првиот човек на ДИК вели дека броењето на гласовите ќе се одвива побрзо отколку во првиот круг, но ќе се објавува побавно бидејќи има две броења во кои ќе учествуваат сите заедно.

„Објавувањето можеби ќе доцни час или два. Првичните резултати очекувам дека ќе бидат пред полноќ“, истакна Даштевски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.