Децата на ВМРО што сите ги заборавија!

Датумот 05.06.2006, денот кога македонскиот народ изнемоштен од болната транзиција излезе на улиците да ја прослави идната преродба на Македонија ветена од младите лица на ВМРО-ДПМНЕ. Бев многу млад, а веќе бев импресиониран од обединетоста и подвижноста на македонскиот народ воден од ВМРО-ДПМНЕ. Во рацете носев знаме, а на главата црвена беретка со лав. Да бидам искрен, тогаш не ме импресионираше ни бројот на освоени пратеници, ниту политиката. Тргнав, бидејќи ВМРО-вците секогаш биле луѓе коишто ја дале најголемата жртва за својата држава. Можеби со див, брадосан изглед и поглед кој те вкопува во место, но само кога станува збор за чување на Македонија. Уште поинтересно е што изминатите 11 години се уште ме води истата мисла и истата идеја: ВМРО-вците ја дадоа, ја даваат и ќе ја даваат најголемата жртва за својата татковина.
Следуваа 2 години на успешна работа. Народот беше среќен. Сета надеж беше насочена токму кон овие млади луѓе кои ја презедоа власта во Република Македонија. Јас веќе бев средношколец и бев активно вклучен во структурите на УМС. Секојдневно доаѓаа нови и нови тинејџери коишто се приклучуваа и стануваа дел од големото семејство на УМС. Теренската активност, енергијата што ја ширевме помеѓу младите го даде резултатот: Катастрофален пораз на СДСМ на предвремените парламентарни избори и повторно народот беше на улица со црвено-црни знамиња.
Победа врз победа, успех врз успех. Дојде време кога видов дека во партијата не е се како што замислував. Полека, но сигурно застранувавме од идејата. Членовите беа се повеќе незадоволни. Старите членови на партијата се чувствуваа отфрлени. Оние новодојдените без погледот на вистинскиот ВМРО-вец во очите, грабаа и туркаа се пред нив. Не сакав да верувам дека е така. Се убедував самиот себе си дека грешам. Минуваше време. Голем дел од дечките со кои заедно работевме на терен веќе ги немаше. Некои од нив заминаа во странство. Некои од нив се повлекоа од причина дека се незадоволни и дека не се сложуваат со политиките на одредени личности во општинскиот штаб. Повторно се трудев да им објаснам дека не се во право. Се трудев да ги задржам, бидејки тие членови беа дојдени со иделогија, а не за профит. Се трудев да им објаснам, да им докажам, но не успеав.
За жал, беа во право. Мојата партија беше претворена во биро за вработување. ВМРО повеќе не значеше Внатрешна Македонска Револуционерна Организација. Новото значење на ВМРО беше: Внатрешна Македонска Работодавна Организација. Мојата партија прерасна во место каде што се остваруваа соновите и желбите на свежо зачленети поединци кои одлучуваа кој е подобен, а кој неподобен за да се вклучи во редовите на партијата. Се формираа кланови и околу нив кинески ѕидови. Наеднаш се најдов и јас помеѓу оние неподобните членови, кои не беа за во јавност. Зошто? Можеби затоа што имав став? Можеби затоа што не сакав да ми наметнат ставови? Или можеби затоа што бев еден тврдокорен ВМРО-вец што ја ставаше својата партија пред се? Се среќавав секојдневно со луѓето кои ги убедував дека грешат. Од ден на ден сфаќав колку само биле во право луѓето кои ме предупредуваа. Од ден во ден се повеќе го разбирав нивниот револт. НЕ! Тоа не беа деца кои бараа исполнување на лични интереси. НЕ! Тоа не беа деца кои доаѓаа во партијата заради кариера и трупање богатство. Тоа беа тврдокорни момци и девојки кои имаа став. ДА!! Тие деца беа ДЕСНИЧАРИ. Десничари кои не знаеја за друга опција освен ВМРО-ДПМНЕ. ДА! Тоа беа деца кои се држеа исклучиво до својот став. Тоа беа деца кои својата борба на водеа на терен, онака баш ВМРО-вски. Тоа беа деца кои отсекогаш велеа: Не е ВМРО-вски да бидеш лидер, а да те гледаат секој викенд пијан во дискотеки. ВМРО-вски е да искочиш на терен, да бидеш меѓу своите членови, да бидеш најгласен таму каде што сите се тивки, да гледаш таму каде што сите замижуваат.
Еве сме денеска 12 години подоцна. Нашата партија која ја градевме толку долго е во опозиција. Искрено опозицијата не ни значи многу. Сме биле таму и знаеме како е. Денеска тие деца се веќе возрасни луѓе. Повеќето од нив со фамилии и обврски, но се уште ги води истата идеја. Се уште со истиот оној жар за работа. И денес се среќаваме, но на едно друго место. Се среќаваме на едно место каде што го познавме стариот ВМРО-вски дух. Се среќаваме секојдневно ние што сме поддржувачи на реформите. Бележани сме како предавници и шпиони на организацијата. Искрено тие етикети ми се смешни. Ако сум предавник затоа што имам став и идеал, тогаш се гордеам со моето предавство. Децата со кои што и денес се среќавам не се некои нови лица. Тоа се децата на ВМРО, птиците кои никогаш не пролетаа. Да … Тоа се заборавените деца на ВМРО.
Колумна на анонимен автор доставена до нашиот портал од страна на фан-страницата ВМРО.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.