Американскиот рапер Еминем ќе продаде на аукција повеќе од 100 пара патики од својата лична колекција, а сите приходи ќе одат во неговата хуманитарна организација „Фондација Маршал Матерс“.
Аукцијата ќе ја организира следниот месец „Жулиенс аукшнс“, аукциска куќа специјализирана за продажба на предмети од светот на музиката, филмот и познатите личности.
Колекцијата вклучува ретки модели од повеќе од две децении соработка на Еминем со брендови како што се „Најк“, „Џордан“, „Кархарт“, „Пума“ и „Адидас“, објавува „Лондон Ивнинг Стандард“.
Секој пар патики ќе биде лично потпишан од Еминем, чие вистинско име е Маршал Брус Матерс III, а многу модели доаѓаат со оригинални кутии, што дополнително ја зголемува нивната колекционерска вредност.
Меѓу највредните предмети на аукцијата е пар патики Eminem x Nike Air Jordan 3 Slim Shady PE, за кои се проценува дека ќе достигнат цена помеѓу 25.000 и 35.000 долари.
Исто така, тука се и моделите Eminem x Carhartt x Nike Air Jordan 4 и Eminem x Nike Air Jordan 4 Encore од 2017 година, кои би можеле да достигнат цена до 25.000 долари.
На аукција ќе бидат понудени и патики што ги носел раперот на сцената, вклучувајќи ги Nike Air Max 90 Soundstorms, Nike Air Max 90 Japan SP Camos и Adidas Superstar 1.
Менаџерот на Еминем и претседател на „Шејди рекордс“, Пол Розенберг, изјави дека раперот со години го изразувал својот стил преку обувки и дека во текот на својата кариера собрал вредна колекција.
„Ова е можност за некој да поседува дел од својата лична колекција, вклучувајќи некои од најретките модели, а воедно да поддржува кауза што му е многу важна“, рече Розенберг.
„Фондацијата Маршал Матерс“ е основана во 2002 година и им помага на ранливите деца и млади во Детроит, родниот град на Еминем, како и во околните заедници.
Аукцијата ќе се одржи во живо и онлајн на 25 август.
The post Еминем продаде на аукција повеќе од 100 пара потпишани патики appeared first on Во Центар.



