Европската унија планира да вклучи 60 физички и правни лица, како и околу 150 танкери што ЕУ ги смета за дел од „флотата во сенка“, во 17-тиот пакет санкции против Русија. Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ имаат намера да го одобрат овој нов пакет санкции до 20 мај, кога ќе се состанат во Брисел.
Доколку мерките стапат во сила, бројот на бродови под санкции за транспорт на руска нафта над ценовната граница би се зголемил на вкупно 300. „Патоказот“ на Европската комисија за постепено укинување на руските енергетски ресурси ја истакнува потребата од дополнителни мерки против „флотата во сенка“, објавува „Комерсант“, повикувајќи се на наоди од „Блумберг“.
Во претходниот, 16-ти пакет санкции, усвоен на 24 февруари, ЕУ забрани пристап до SWIFT системот за уште 13 руски банки, забрани увоз на примарен алуминиум од Русија и го суспендираше емитувањето на осум руски медиуми на европска територија. Во тоа време, санкционирани беа 48 физички и 35 правни лица. Како одговор, Русија го прошири списокот на граѓани на ЕУ на кои им е забранет влез во земјата. За да биде усвоен новиот пакет санкции, потребна е едногласна поддршка од сите земји-членки на ЕУ. Сепак, неколку земји од ЕУ ја разгледуваат можноста за заобиколување на ветото на Унгарија во вакви случаи.
Неколку членки на ЕУ сега се обидуваат да го заобиколат противењето на Унгарија на новиот пакет санкции, објави Политико, повикувајќи се на европски дипломати. Еден од нив тврди дека мислењето на Будимпешта би можело да се игнорира ако санкциите се спроведуваат на ниво на национално законодавство, а не преку заедничка одлука на ЕУ. Европскиот министер за надворешни работи, Каја Калас, неодамна изјави дека ЕУ планира да го воведе 17-тиот пакет санкции против Русија во мај. Последниот, 16-ти пакет санкции беше воведен на 24 февруари, на третата годишнина од почетокот на војната во Украина.



