Завршија денешните разговори во Берлин помеѓу украинскиот претседател и американските претставници Виткоф и Кушнер. Според украински медиуми, средбата на која се разгледувале 20 точки од американскиот мировен план, траела два часа. По петчасовниот разговор со украинскиот претседател, специјалниот претставник на САД, Виткоф, изјави дека е постигнат „голем напредок“. Зеленски во текот на денот на бројни состаноци. Оствари средба и со претседателот на Финска.
„Благодарност до Финска за нејзината поддршка. Многу го цениме придонесот на земјата во програмата „приоритетна листа на барања за Украина“, која преку зајакнување на одбраната на Украина, ги зајакнува нашите позиции за време на преговорите“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Кремљ одби да даде потенцијална временска рамка за евентуален мировен договор со Украина. Портпаролот на рускиот претседател, очекува да бидат информирани за тековните разговори во Берлин од американска страна.
„Нема да давам никакви временски рамки, мислам дека тоа би била неблагодарна задача во моментов. Можам да зборувам само во име на руската страна, за претседателот Путин. Тој е отворен за мир и за сериозни одлуки“, Дмитриј Песков, портпарол на Путин.
Една од најважните точки во преговорите за Украина е дали да се откаже од Донбас. Војниците се уморни по речиси четири години војна, но не сакаат да се откажат од него, иако Русите се држат до своето барање да го добијат целиот регион.
„Мора да разбереме дека Донбас не е крајната цел на Путин. Ако го добие Донбас, тогаш тврдината е урната и тие дефинитивно продолжуваат со преземање на цела Украина. И знаете, ако Украина пропадне, тогаш и другите региони се во опасност. Го знаеме ова од историјата и треба да учиме од неа“, изјави Каја Калас, висок претставник на ЕУ.
Паралелно додека се водат преговори за прекин на конфликтот, на фронтот нападите продолжуваат. Украинските и руските власти објавија дека собориле повеќе од 130 дронови над нивните територии во текот на претходната ноќ.



