Специјалното одделение за борба против високотехнолошкиот криминал ѝ нареди на полицијата итно да го идентификува лицето кое на социјалната мрежа Инстаграм објави фотографија од автоматска пушка и муниција, со порака „се гледаме утре“, соопшти Вишото јавно обвинителство во Белград.
Главниот јавен обвинител во Белград, Ненад Стефановиќ, прецизираше дека наредбата е дадена за кривично гонење на едно лице поради постоење основи на сомнение дека тоа лице сторило кривични дела – обид за напад на уставниот поредок и повикување на насилна промена на уставниот поредок.
Стефановиќ истакна дека Обвинителството во Белград внимателно ја следи состојбата во главниот град во пресрет на денешниот протест и го повтори апелот до сите граѓани да го искористат своето право на мирно собирање во согласност со Уставот и законите.
Тој уште еднаш нагласи дека насилството нема да се толерира и дека сите кои ќе посегнат по насилство ќе бидат кривично гонети согласно законот, и оние кои можат да нападнат учесници на мирни протести и сите оние кои можат да извршат насилство врз други лица, припадници на полицијата и претставници на државните органи.
Претходно, корисник на Инстаграм објави фотографии од пушката со заканувачки пораки, вклучувајќи ја и изјавата дека оружјето „ќе се користи денес“.



