Исповед на жена која прележала коронавирус

Објавила дневник за последниот еден месец што го преживеала од моментот кога била заразена со коронавирус
Прочитајте ја приказната на оваа жена за нејзиното искуство со коронавирусот…
„Имам 45 години и по потекло сум од Австралија, но моментално живеам во Бруклин, во Њујорк со мојот партнер. Работам како кантавтор, илустратор и имам своја фирма, преку која продавам чудни илустрации на стихови, животни и многу друго.
Водам здрав живот, не пијам, не пушам и веганка сум. Вежбам пет пати неделно. Обожавам планинарење, се имам качувано на Хималаите, но сето тоа не ми помогна во борбата против коронавирусот, иако мислев дека ќе ми помогне“, вака ја почнала својата приказна Надја Акерман, која прележала ковид-19.
10 март: Хуманитарна вечера на која најверојатно се имам заразено
Австралискиот конзулат ја поканил на вечера со околу 100 луѓе.
„Денес знам дека таа вечера е најлошото нешто што можеше да се случи, со оглед на моментот во кој беше закажана. Се одржа во мал ресторан, каде што пиевме коктели во преполн простор, а потоа се префрливме на вечера, каде што сѐ беше послужено на заедничка чинија која кружеше околу масата. Два пати размислив дали да одам на тој настан, но заклучив дека претерувам, бидејќи во тоа време никој не се плашеше од вирусот. Па така отидов.“
12 март: Почнав да чувствувам симптоми на ковид-19
Во четврток наутро, имав многу чуден напад на кашлица. Го знаете она чувство кога кашлате толку многу што ви се чини дека ќе повратите? Тоа беше сува и тешка кашлица. Траеше околу 10 минути, но тоа беше доволно за да ми се насолзат очите. На почеток, мислев дека станува збор за пролетна алергија.


Во 17.00 часот добив висока температура, околу 37,8 степени. Чувствував како некој коњ да ме удрил во ребрата, како некој да ме удирал силно во пределот на белите дробови. Останав на каучот, покривајќи се со ќебе. Лежев така цела вечер, не можев да отидам до спалната соба. Дечко ми мораше да се грижи за мене.
13 март: Морав да одам во итна помош, ми беше уште полошо
Во тој момент, веќе сите зборуваа за ковид-19, па знаев дека го имам. Ова не беше грип. Се чувствував поинаку. Не сум се чувствувала толку болно веќе 22 години, откако првпат се преселив во Њујорк и добив воспаление на белите дробови.
Не се јавив однапред во болница и немав маска и ракавици. Едноставно се чувствував болно и морав да одам на доктор.
Во тоа време, во чекалницата имаше само тројца луѓе, а никој од рецепција не носеше маска или ракавици. Но кога се доближив до пултот и кажав дека мислам дека имам коронавирус, веднаш ставија маска и ракавици и ми дадоа и мене. Во чекалницата седев околу 40 минути пред да ме сместат во една од собите, Кога докторот дојде кај мене, не носеше никаква заштита. Бев шокирана, уверена бев дека сум заразена.
Докторот ми измери температура, беше околу 37,8. Ми кажа дека 40 степени е мерилото според кое се одлучува дали некој ќе биде тестиран на коронавирус или не. Бев во контакт со личност што чека резултати од тест, му кажав на докторот, но тој и понатаму велеше дека не може да ме тестира. Ми кажа да се вратам ако резултатите на мојот пријател бидат позитивни.
„Веројатно имате ковид-19, но не можам да ве тестирам“, заклучи тој.
Бев разочарана. Чувствував како да реагирам претерано, но бев сигурна дека го имам вирусот. Бев збунета. Му кажав на докторот дека така е можно стотици луѓе да одат наоколу заразени, а да не се тестирани и тој се согласи со мене.
15 март: Не сум тестирана, а симптомите се влошуваат
Кашлицата и понатаму траеше, но температурата ми падна малку, па ми се чинеше дека ми поминува. Но тогаш настапи голема исцрпеност, не бев во состојба да ја подигнам главата од перница. Следеа главоболки. Инаку страдам од мигрена, но ова беше полошо од вообичаено. Главата страшно ме болеше и ништо од лекови не ми помагаше.
Ми беше како мозокот да ми врие, како некој да го притиснал го главата, неподносливо.
Почнав да имам и мачнини и изгубив апетит. Три дена подоцна, на 16 март и дечко ми се разболе. Имаше температура повисока од 40 степени. Тогаш станав за да се грижам за него. Се обидував да не мислам на тоа колку ми е лошо и мене.
18-21 март: Го одведов дечко ми во итна помош, веднаш беше примен
Го одведов Џон во болница на 18 март, каде што беше примен и тестиран. Се покажа дека е позитивен на ковид-19. Отидов дома, легнав во кревет и не станав четири дена. Бев сѐ поболна. Најголем проблем беше губењето апетит, а потоа и губењето на сетилата за вкус и мирис.
Потоа, добив дијареја. Чувствував како да ќе умрам. Не можев да јадам, да пијам, да одам. Не можев да се истуширам. Не можев ни да ја подигнам главата од перница. Бев премногу слаба. Дечко ми сѐ уште беше во болница, па никој не можеше да ми помогне.
22 март: Отидов во болница и конечно бев тестирана
Разговарав со дечко ми за симптомите, тој му кажа на лекарот, кој ми предложи веднаш да повикам итна помош. Ми затропаа на врата и чекаа да одговорам. Изгледаа преплашено и колебливо ми пријдоа. Почувствував олеснување знаејќи дека сум на пат да добијам помош.
Штом влегов во итна помош, медицинската сестра дотрча со маска и ми кажа:
„Брзо, стави го ова веднаш“. Ми даде и кеса за повраќање, бидејќи тешко се воздржував. На крајот ме сместија во кревет каде што пациентите беа раздвоени со завеси. Никој не дојде да ме види околу час и половина.
Првата личност што ја видов беше медицинската сестра. Ми измери температура и крвен притисок и ѝ кажав дека сум многу дехидрирана, па ме приклучи и на инфузија. Кога дојде лекарот, веднаш му кажав дека дечко ми е позитивен на коронавирус. Да не го кажев тоа, најверојатно не би ме тестирале, бидејќи тогаш немав температура.
Ме тестираа. Тоа е брис за кој навистина длабоко ви копаат во носот, беше непријатно. Ми извадија крв и ми снимаа рендген на белите дробови. Дванаесет часа подоцна бев пуштена од болница и ми кажаа дека ќе ги добијам резултатите за неколку дена.
Ми кажаа да се вратам ако не можам да диша, па ми испратија список со правила за самоизолација.
Ми кажаа дека морам да останам во карантин две недели и три дена.
Дечко ми беше пуштен од болница порано истиот ден, па отидовме дома за да се грижиме еден за друг.
24 март: Ги објавив моите искуства на Инстаграм
До овој момент, некои од симптомите ми се повлекоа, повеќе не се чувствував ужасно, па го споделив моето искуство на Инстаграм. Почнаа да ми се јавуваат луѓе што беа на истата хуманитарна вечера – многумина исто така се разболеле.
27 март: Од болница ми јавија дека сум позитивна на ковид-19
Кога ми заѕвони телефонот, знаев дека ми се јавуваат од болница. Медицинската сестра ми кажа дека сум позитивна и дека треба да продолжам со она што веќе го правам: морам да бидам во изолација. Иако длабоко во себе знаев дека го имам вирусот, се чувствував добро кога стигна и таа потврда, без разлика што не се лекував.
2 април: Конечно повторно сум онаа старата
Околу 2 април чувствував олеснување. Почнав да јадам. Сѐ уште не можев целосно да ја вкусам храната или да почувствувам мирис, но бев гладна. Со дечко ми почнавме со БРАТ диета: леб, ориз, пире од јаболко и тост. Само тоа можевме да јадеме, но барем имавме апетит.
Конечно имав малку енергија, па се истуширав и повторно почнав да цртам. Шетав, држејќи социјална дистанца од другите, дури почнав да се занимавам и со градинарство.
7 април: Самоизолацијата заврши, одам во набавка
Отидов во продавница. Ставив маска и ракавици и отидов до најблискиот пазар. Бев шокирана кога видов колку луѓе не држат дистанца и не дезинфицираат раце.
Се надевам дека луѓето ќе ја прочитаат мојата приказна и ќе ја сфатат сериозно. Знам дека моето семејство и пријатели се многу претпазливи, сега кога видоа што може да направи тој вирус. Може да влијае врз сѐ и лесно може да настане пресврт и да дојде до најлошото – напишала Надја.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.