Како во СССР сите пиеле од ИСТА чаша и „воопшто“ не се разболувале?

Како во СССР сите пиеле од ИСТА чаша и „воопшто“ не се разболувале?

Пред прочуените советски апарати за самопослужување со газирана вода луѓето стоеле во редици, а во нив имало само една или две чаши наменети за сите. Сепак, тоа никому не му пречело.

Една за сите

Се сметало дека првиот автомат со газирана вода во Советскиот Сојуз се појавил во 1932 година. Кон крајот на педесеттите години од минатиот век во Москва биле поставени околу 10 илјади вакви апарати.

Апаратот за самопослужување нудел газирана вода со и без овошен сируп. Со текот на времето граѓаните на СССР на апаратите можеле, освен лимонада, да купат и пепси и фанта (кои биле неколку пати поскапи).

Овие улични апарати функционирале од мај до септември, а преку зима биле затворени во специјални метални кутии. Преку лето пред апаратите со сокови често имало редици. Апаратот функционирал на следниов начин: ставате паричка, избирате вкус, поставувате чаша, на лице место го пиете освежителниот пијалак и ја враќате чашата на место.

За миење на чашата во автоматот се наоѓал посебен оддел со решетка. Чашата требало да се сврти наопаку, да се стави во одделот, да се притисне до крај, а водата би ја измила чашата однадвор и однатре. Понекогаш млазот вода бил толку слаб што на чашата останувале траги од кармин.

Автоматите периодично се сервисирале и тогаш чашите се миеле со врела вода и со раствор од сода. Но, тоа не го правеле секој ден. Дали во тој случај во СССР доаѓало до епидемии? Да, и тоа мошне често! Но, во текот на целото време на користење на апаратите за самопослужување тие ниту еднаш не биле споменати како извор за ширење на инфективни заболувања.

Можело ли да се заразат луѓето од чашата од автомати? Статистика за бројот на заболени во СССР често не се правела. За некои пандемии тие ниту до денешен ден не се достапни.

Притоа чашите, секако, можеле да бидат извор на зараза. На пример, „за време на користењето на заедничка чаша може да се заболат од респираторни инфекции како што се акутна респираторна вирусна инфекција и грип. Ако некој има потежок облик на херпес, вирусот од плунката исто така може да остане на слабо измиена чаша“, истакнува Елена Утенкова, професор на катедрата за инфективни болести на Кировскиот државен медицински универзитет.

Меѓутоа, по правило, во случај на „обични“ инфекции како што се акутни респираторни инфекции или грип никој не се обидувал да утврди како човек се заразил: дали слабо ги измил рацете по јадењето, дали се наоѓал непосредно пред носител на вирусот или пиел од заедничка чаша. Освен тоа, поради епидемијата не доаѓало до никаква забележлива криза во здравствениот систем.

Дали советските граѓани биле свесни дека заедничката чаша не е баш хигиенска и дека е потенцијално опасна? Некои биле. Затоа кај редиците пред апаратите за самопослужување секогаш имало и такви кои во торба си носеле чаша или, пак, на децата им забранувале да купуваат газирана вода од автомат.

Крај на една епоха

Сепак, крајот на апаратите со газирана вода не дошол поради епидемијата, ами поради распадот на СССР.

„Во деведесеттите години од минатата година организацијата ‘Торгмонтаж’ која ги поставувала и ги користела апаратите престанала да се занимава со тоа. Апаратите за самопослужување станале одвишни, а газирана вода набргу можеше да се купи на секој киоск“, се сеќава Давид Гершзон, постар научен соработник на Институтот за индустрија на ладилници, кој ги проектирал апаратите.

Александар Барник, тогашен заменик-директор на компанијата „Автоматторг бр.3“, објаснува дека една од главните причини зошто автоматите исчезнале од улица била инфлацијата по распадот на земјата: „Апаратот за прием на парички е доста сложен механизам и едноставно не беше рентабилно да се коригира неколку пати годишно, а тоа го бараше тогашната инфлација“.

Извор: Русија Бијонд

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.