Како помина изборниот ден? Оценки на изборните штабови од претседателските кандидати, на МВР и ОЈО

Излезноста на гласачите до 18:30 часот од обработени податоци од 3.174 избирачки места е 48,46 проценти, односно на гласање излегле 801 074 гласачи, соопштија од Државната изборна комисија (ДИК).

Претседателот на ДИК Александар Даштевски соопшти дека најголема излезност има во Новаци каде на гласање излегле 71,07, а најмала во Центар Жупа 16,90 проценти.

– Гласањето помина мирно без поголеми инциденти на гласачките места, изјави Даштевски.

Оценка на изборните штабови на кандидатите е дека изборите поминале во демократска атмосфера

„Денеска имавме демократски изборен ден. Гласањето се одвиваше во фер и демократска атмосфера. Граѓаните својата воља ја изразија слободно и достоинствено, како што доликува на една демократска земја што е членка на НАТО со почнати преговори за членство во Европската унија“, рече Богданка Кузевска од изборниот штаб на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски на прес-конференција од Изборниот штаб на Гордана Силјановска Давкова, изјави дека изборниот процес помина генерално во фер и демократска атмосфера, со низа помали прекршувања предизвикани пред сѐ од партиите на власт и нивните активности.

Во седиштето на ДУИ, шефот на изборниот штаб Арбр Адеми ја одржа првата прес-конференција по затворањето на гласачките места. Тој оцени дека имало слободни избори кои се одржале во демократски дух и компетитивна атмосфера.

Арбен Таравари, претседателски кандидат на албанската опозициска коалиција „Вреди“ на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места соопшти дека на овие избори има поголема излезност отколку на претходните избори, што, според него, зборува дека промените доаѓаат.

Претседателскиот кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, Стевчо Јакимовски на прес-конференција оцени дека денешниот изборен ден поминал мирно и достоинствено и дека сме покажавме дека можеме да направиме мирни и достоинствени избори.

Денешниот изборен ден помина мирно во фер и демократска атмосфера, но сепак се случиле некои помали проблеми на изборните места, соопшти Моника Маневска од Изборениот штаб на кандидатот за претседател на Левица, Билјана Ванковска.

Продолжено гласање како што известија од ДИК ќе има во едно место во Демир Хисар, Липково, Могила и во Делчево.

Уважени се 134 поплаки од граѓани за избирачко право, на бесплатна телефонска линија на ДИК имало 10 јавувања на граѓани, а како видео повици имало од осум лица со оштетен слух.

На три места во Куманово гласањето е прекинато и тие се затворени. Како што објасни претседателот на ДИК доколку резултатите од овие избирачки места имаат влијание на крајниот резултат ќе има прегласување.

До затворањето на избирачките места на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија [email protected] не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, информираа вечерва од Обвинителството.

Изборниот процес помина без пречки и поголеми инциденти. Во текот на денешниот ден евидентирани се вкупно 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачкото ливче, шест пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање на гласачко мести. Не се евидентирани други посериозни инциденти и нарушување на регуларноста на изборниот процес, информираа техничкиот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев.

Првичните неофицијални резултати од првиот круг на Претседателските избори Државната изборна комисија ќе ги објави околу полноќ.

Пронајдете не на следниве мрежи: