Ковачевски и Спасовски: Мицкоски секои два месеци создава ново парламентарно мнозинство

Избори ќе има во 2024 година во редовниот термин. Тоа што Мицкоски бара избори во мај е комплимент за Владата. Тој не бара избори во зима, тој не сака да се справува енергетска криза и економска криза и веројатно смета дека Владата одлично се справува. Енергетската криза завршува на 30-ти април, а тој бара избори во мај, изјави премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на РЕК Битола, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој му се заблагодари на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за довербата „што верува дека добро се справуваме со енергетската и економската криза“.

-Сигурно заради желбата на Мицкоски да оди на избори, а да не работи ништо, нема да прекинуваме скрининг процес и претседавање со ОБСЕ за да удоволуваме на неговите партиски желби, кажа премиерот.

Слична изјава како Ковачевски денеска даде и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој нагласи дека секој кој има парламентарно мнозинство оди во Собрание и го поажува, не се фали во јавност.

– Оваа Влада ќе опстои до 2024 година и нема потреба да се разговара или да одговараме на романтизам на одредени политичари кои на секои 2-3 месеци нудат некакво ново парламентарно мнозинство.

Тој што има парламентарно мнозинство оди во Собрание и го покажува. Тука нема дилема. Тие се легитимни демократски инструменти и нема ниту јас, ниту било кој од Владата да ги коментира. Јас го кажувам мојот став и моето мислење, оваа Влада не може да биде срушена со ново парламентарно мнозинство во Собрание.

На крај вие ќе цените кој бил во право или не. – посочи Спасовски.

Пронајдете не на следниве мрежи: