Конечно му текна на Ивица Коневски: Со парите потрошени за „Скопје 2014“ подобро беше да се изгради метро

Во интервју за СДК Ивица Коневски вели дека парите кои власта на ВМРО ДПМНЕ ги потрошила за проектот „Скопје 2014“ попаметно било да се пренаменат за подобрување на јавниот превоз, односно за изградба на метро.

На нашето прашањето зошто додека беа на власт и на централно и на локално ниво изминативе 11 години не почнале таков проект туку потрошија 600 милиони евра за „Скопје 2014“, одговори: „Мислам дека и ние додека бевме на власт требаше да почнеме да спроведуваме таков проект. И кога би имал можност некогаш да учествувам во локалната самоуправа, дали е тоа како градоначалник на Скопје, би бил поборник на вакво решение“.

„Покрај чистиот воздух многу е важен и јавниот превоз, кој во моментов не е како што треба. Потребно е решение со кое граѓаните би се откажале од автомобилите. Сега предолго патуваат до своите работни места и затоа го избегнуваат јавниот превоз. Во Скопје е потребно метро. Една линија од Драчево, преку Горно и Долно Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Центар, Карпош, Ѓорче Петров и Сарај“, вели Коневски.

Како поранешен градоначалник на Општина Аеродром, Коневски вели дека новите градоначалници потфрлиле кога станува збор за хигиената, не го подобриле јавнот превоз кој е во многу лоша состојба, ниту пак презеле мерки против загадувањето што им било приоритет во изборните кампањи.

Во времето на вториот градоначалнички мандат на Коневски беше донесен Деталниот урбанистички план со кој во зеленилото кај Мајчин дом се вцрта маркичка за зграда. Коневски вели дека тој објект бил предвиден со Генералниот урбанистички план, а Општината плановите ги прави според ГУП-от.

„Јас сметав дека тука треба да се гради, тоа го кажав и стоев зад мојата одлука. Лесно е да се вети нешто, а тешко е да се каже вистината и да се изгубат политички поени. Не ги изгубив изборите поради тој објект или некои други планови. Нема спорни планови, оној за кој се зборуваше во јавноста за стар Аеродром е донесен по барање на граѓаните заедно со СДСМ. Ако Златко Марин сакаше да ја спречи зградата како што им вети на граѓаните, можеше да ја купи парцелата која кога тој стана градоначаник беше во сопственост на Комерцијална банка и потоа беше продадена на новиот инвеститор за 2 милиони евра. Тие пари ги има Општината, оти во касата оставив 4 милиони евра. Марин постапи спротивно од што ветуваше пред избори и револтот на граѓаните е оправдан“, вели Коневски.

Целото интервју прочитајте го ОВДЕ

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.