Македонија се простува од легендата Гоце Тодоровски: Замина човекот што со смеа, солзи и врвна глума испиша историја (фото/видео)

Еден од најголемите македонски актери, Гоце Тодоровски, почина на 75-годишна возраст, оставајќи зад себе богато актерско наследство, незаборавни улоги и генерации гледачи кои пораснаа со неговите ликови.

Македонската култура остана без еден од своите најголеми амбасадори. По повеќе од пет децении посветени на театарот, телевизијата и филмот, почина легендарниот актер Гоце Тодоровски, чиј талент, харизма и препознатлив хумор оставија неизбришлива трага во македонската уметност. Тажната вест ја соопшти неговата ќерка Сашенка, која преку емотивна порака се прости од својот татко. Роден на 30 април 1951 година во Кичево, Тодоровски дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорот Илија Џувалековски. Својот професионален пат го започнал во Драмскиот театар во Скопје, каде што брзо станал еден од најценетите и најомилените актери. За пошироката јавност, Гоце Тодоровски беше многу повеќе од актер – беше лице со кое пораснаа генерации. Неговите улоги во „Македонски народни приказни“, „Солунски патрдии“, „Итар Пејо“, „Булки кај шините“, „Бушава азбука“, „Трето доба“, „Хихирику“, „Чук, чук Стојанче“ и многу други серии, засекогаш ќе останат дел од колективната меморија на македонската публика.

Подеднакво успешен беше и на филмското платно, каде што остави впечатливи улоги во филмовите „Среќна Нова ’49“, „Викенд на мртовци“, „Тетовирани души“, „Учителот“, „Шеќерна приказна“, „Женски оркестар“, „Бол“ и многу други остварувања. Неговиот актерски опус брои десетици театарски претстави, телевизиски серии, филмови и радиоемисии.

Во текот на кариерата доби бројни признанија за својот придонес во македонската култура. Меѓу нив се Орденот за заслуги за Македонија, државната награда „23 Октомври“, како и наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, со кои беше одбележано неговото извонредно творештво.

Со заминувањето на Гоце Тодоровски, Македонија не загуби само врвен актер, туку и човек кој со својата едноставност, духовитост и маестрална глума успеваше да допре до секој дом. Неговите реплики, ликови и насмевка ќе продолжат да живеат преку делата што им ги остави на идните генерации.

Нека почива во мир. Вечна му слава.

The post Македонија се простува од легендата Гоце Тодоровски: Замина човекот што со смеа, солзи и врвна глума испиша историја (фото/видео) appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: