НАТО веќе е во директен конфликт со Русија и Алијансата со својата воена реторика ја зголемува ескалацијата на конфликтот во Украина, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Во интервју за весникот „Известија“ Песков ги нарече контрадикторни повиците на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да им се дозволи на украинските вооружени сили да ја нападнат руската територија со западно оружје и да се спречи учеството на НАТО во конфликтот.
На прашањето дали благодарение на таквата реторика НАТО се доближува до директна конфронтација со Москва, Песков одговори дека „НАТО не се приближува, туку веќе е во него“.
-НАТО е вклучен во овој конфликт, директно е вклучен. Но и нашата армија знае што да прави, продолжува со специјалната воена операција за елиминирање на сите закани, рече Песков.
Столтенберг, како што додаде, си поигрува со воената реторика, пренесуваат руските медиуми.
-НАТО со тоа го зголемува степенот на ескалација, си игра со воената реторика и запаѓа во воена екстаза. Ова е реалноста со која треба да продолжиме да се справуваме, оцени портпаролот на Кремљ.
Претходно, денеска од состанокот на НАТО во Софија, Столтенберг изјави дека на Киев треба да му се дозволи да врши напади на руска територија со западно оружје, бидејќи, според него, „тоа е самоодбрана, што е особено важно во контекст на офанзивата на руската армија кај Харков“.