На Мировната конференција во Париз, Михајло Пупин имал инструкции од американскиот претседател Вилсон да инсистира на автономна Македонија

МИХАЈЛО ПУПИН И МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ
КОЈ Е МИХАЈЛО ПУПИН?
Роден е на 9 октомври 1854-та година во село Идвор, во близина на Панчево, Србија. И татко му Константин и мајка му Алимпијада потекнуваат од Москополе, Македонија. За време на миграционите движења од крајот на 17-ти и почетокот на 18-ти век се доселиле крај Охридското Езеро, каде што дел од нив останале и до денешно време. Михајло Пупин основно училиште завршил во родното село Идвор, средно во Панчево за да продолжи да се школува во Прага, од каде во 1874 година преку Хамбург заминува за Америка. Првите пет години по доаѓањето во САД живеел во тешки услови и работел како физички работник. Есента 1879 година го положил приемниот испит на Колумбискиот универзитет во Њујорк, каде по четири години со одличен успех ги завршил студиите. Веднаш потоа добива стипендија за проучување на техничките науки, физика и математика на универзитетот во Кембриџ, продолжува да се усовршува во Берлин каде што го брани и својот докторат од областа на физичката хемија. По враќањето во Америка на Универзитетот “Колумбија“ ја започнува својата научна кариера и тоа како професор по физичка математика. Во својата научничка кариера има регистрирано 24 патенти, меѓу кои се апарат за телеграфски и телефонски преноси, трансформатор на телеграфски, телефонски и други електрични системи, безжично пренесување на електирични сигнали, звучен генератор, радио-приемен систем со висока селективност, радиофонски приемник и друго.
Бил прогласен за почесен професор на 20 универзитети во светот и бил член на повеќе национални академии. Во архивата на Пупин има документи дека копнеел да ја посети Македонија, но времето и здравствената состојба не му дозволиле да ја реализира таа своја голема желба.

НИКОГАШ НЕ СИ ГИ ЗАБОРАВИЛ КОРЕНИТЕ
Пупин имал посебен однос кон Македонија. Со свои сопствени средства формирал специјален фонд за стипендирање на сиромашни деца од Македонија. Фондот го посветил на својата мајка Алимпијада, а вкупниот износ на средства од година во година растел, а на барање на Путин средствата ги претворал во злато и сребро со цел да се зачува вредноста на одвоената сума пари. Фондот бил активен до 1940-та година а еден од учениците кој добивал Пупинова стипендија бил и охриѓанецот Благоја Ивановски-Жура.
Во знак на спомен кон родниот крај на своите родители, но и како почит кон култот на словенските просветители Свети Климент и Свети Наум, односно на православието воопшто, Михајло Пупин обезбедува и други средства како подарок за Македонците. Кога по вторпат по Првата светска војна, во 1921-та година ја посетува Југославија, решава да изгради камбанарија, да се излие најголема камбана на Балканот и таа да се постави во Светиклиментовата црква во Охрид. Камбаната тежела 2.300 килограми, била донесена во Охрид во јуни 1923-та година, а на 7 јули истата година се слушнал првиот звук на камбаната на Пупин, објавувајќи дека се враќа старата слава на Охрид. Истата камбана уште е во камбанаријата каде што била поставена пред точно 90 години, а на неа во вид на шестоаголник е изгравирана икона со ликот на Свети Климерт и натпис: „Со песна го славиме Господа и ја испраќаме молитвата на свети Климент за единство, братство и среќа за сите Јужни Словени. Го дарувал старославниот Охрид, Михаил И Пупин. Лето 1923“.
За Охрид и за Македонија славниот научник има подарено и други средства, а за возврат и благодарност, тогашната охридска општина една од најубавите улици во градот, онаа што води кон Гимназијата и Охридските извори, ја преименувала во „Пупинова улица“.
Пупин умрел на 12 март 1935-та година во Њујорк. Погребан е на гробиштата Вудлон, каде што почиваат многу други великани на американската историја. Бил оженет со Американката Сара Катарина Xексон од Њујорк, со која имале само една ќерка по име Варвара.
МИРОВНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ПАРИЗ
Како специјален пратеник на американскиот претседател Вудро Вилсон Mихајло Пупин учествувал во подготвителните седници на Мировната конфереција во Париз, залагајќи се Македонија да добие автономија, да стане држава. Во исто време наспроти неговите залагања Александар Протогеров и Тодор Александров, двајца од тројцата членови на ЦК на ВМРО, праќаат Меморандум до претседателот на Конференцијата нарекувајќи го македонското население „македонски Бугари” кои бараат приклучување на Македонија кон Бугарија. Таквите определби на членовите на ЦК на ВМРО и Исполнителниот комитет доведува до отворен судир меѓу нив од една, и членовите на Привременото претставителство, од друга страна.
Акциите што ги преземала македонската емиграција за афирмација на македонското прашање малку можеле да сторат за подобрување на вака длабоките поделби во македонската средина. И покрај организирањето митинзи, испраќањето писма, апели и телеграми против негаторската политика кон Македонија разните македонски групи со седиште во САД, Канада и Романија ништо не вродило со плод.
Вудро Вилсон
САД уште во 1912 година сакале да се реши македонското прашање! До 1911 а особено во текот на 1912-та година, повеќе американски весници и списанија пишувале за Балканот, посебно за Македонија. На тој начаин американската јавност била релативно добро информирана за состојбата и судбината на македонскиот народ. Сето тоа довело до тоа пролетта 1912-та година САД директно да се замешаат во решавањето на таканареченото „источно прашање“, односно прашањето за судбината на Македонија по пропаѓањето на Отоманската империја.
“Источното прашање“ било заменето со “македонско прашање“, а САД со заинтересираност го следеле намошниот развој на настаните на Балканот, а особено положбата на македонскиот народ. Затоа за време на одржувањето на Мировната конференцијата во Букурешт Владата на САД со нота интервенирала кај владите на балканските држави, нагласувајќи дека „со задоволство би прифатиле одредба во договорот со која целосно би се гарантирале граѓанските и верски права на граѓаните“, мислејќи , пред се, на Македонија и македонското население.
Големиот научник Михајло Пупин, кој веќе бил познат граѓанин на САД и чии претци потекнуваат од Македонија, не можел да биде индиферентен кон она што се случувало на Балканот, а особено во Македонија. Активно се вклучил во акциите поврзани со балканската војни, и ги собрал на состанок во Њујорк дел од иселениците од Србија и Црна Гора, на кој присусуствувале и новинари на влијателниот „Њујорк тајмс“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.