Не сум нападнал никого, за пиштолот имам дозвола

Во изјавата напишана во прво лице, од името на Фуркан Салиу, која се појави во период кога тој е приведен во полициска станица, меѓу другото, пишува: „Жал ми е што со моето однесување можеби влијаев ситуацијата да ескалира за да завршам со лисици. Жал ми е и ако ве разочарав вас што верувавте во мојата работа. Ве уверувам дека јас не ја нападнав полицијата“

На фејбук-профилот на порталот „Икс“ вечерва се појави пост напишан во прво лице, од името на новинарот Фуркан Слиу, кој денеска беше приведен за време на полициската интервенција на фудбалски натпревар во с. Средно Коњаре. Во објавата, чија автентичност не може да се потврди, а се појави на „Фејсбук“ во период кога Салиу е приведен во полициска станица, меѓу другото, пишува:

„Здраво, јас сум Фуркан Салиу. Од објективни причини не можам да пишувам во мојот личен профил. Во моментов сум задржан во полициската станица во Автокоманда. Жал ми е што со моето однесување можеби влијаев ситуацијата да ескалира за да завршам со лисици. Жал ми е и ако ве разочарав вас што верувавте во мојата работа. Ве уверувам дека јас не ја нападнав полицијата“.

Во изјавата се вели и дека иако се било снимено, полицијата ги избриша материјалите во полициската станица. За пиштолот, за кој полицијата претходно соопшти дека го нашла при претрес во возилото на Салиу, се наведува дека поседувал дозвола.

„Што се однесува до пиштолот што беше пронајден во мојот автомобил, тој е со дозвола. За време на моето апсење, телефонот и клучевите ми испаднаа од џебот и ги зеде снимателот. Без судски налог и без јас да бидам присутен како сопственик на автомобилот, беше претресен автомобилот од страна на специјалната единица“,

се додава во објавата.

Според наводите, делото за кое се товари, напад врз полицаец, „не држи вода и никогаш не може да се докаже“.

Претходно МВР соопшти дека Салиу е еден од приведените на фудбалскиот натпревар во селото Средно Коњари поради напад врз полициски службеници. Потоа, министерот Панче Тошковски повика да не се прави притисок врз полицијата, зашто таа еднакво постапувала при секој напад. За приведувањето реагираа новинарските здруженија.

Салиу деновиве е актуелен со серијата стории во кои обелоденува документи за кои тврди дека покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план за пласирање лажни вести и лажни анкети за рејтинзите на политичарите и партиите кои во изминатиот период беа објавувани во емисијата „Објектив“ на МРТ. Опозициската партија, како и јавниот сервис, ги негираа наводите. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека станува збор за фалсификувани документи.

Пронајдете не на следниве мрежи: