Нов извештај ги откри деталите за скандалот што го тресе Пентагон: „Невиден неуспех на врвот на одбраната“

Внатрешна истрага на Пентагон заклучи дека американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ги прекршил правилата на одделот кога споделил тајни оперативни информации за планиран напад врз позициите на Хутите во Јемен во групен разговор на апликацијата Signal во март.

Според извор запознаен со извештајот, таквото однесување можело да ги загрози животите на американските војници доколку комуникацијата била пресретната од непријателска сила.

Апликацијата „Сигнал“ не е одобрена за споделување класифицирани информации, но Хегсет и неколку други високи функционери ја користеа за да споделат детали за претстоен напад. Сенаторот Џ.Д. Венс, директорот на ЦИА Џон Ратклиф и тогашниот советник за национална безбедност Мајк Валц исто така беа во разговорот. Нивното однесување не беше разгледано бидејќи не се вработени во Министерството за одбрана.

Сигнал чатот стана познат кога новинар на „Атлантикс“ погрешно беше вклучен во групата. Според извештајот, информациите што ги споделил Хегсет биле класифицирани како доверливи и нивното откривање можело да ја загрози безбедноста на американските сили, вклучувајќи ги и пилотите од бродот „УСС Хари С. Труман“, кои се подготвувале за операцијата.

Истражителите, исто така, изјавија дека Хегсет формално имал овластување да декласификува одредени податоци, но не е јасно дали тој всушност го сторил тоа пред да ги сподели информациите на необезбедената платформа.

Хегсет, според изворот, одбил да биде интервјуиран од генералниот инспектор и испратил само кратка писмена изјава во која тврдел дека не споделил ништо што би можело да ги загрози животите или мисијата, дека има право на декласификација и дека верува дека истрагата е политички мотивирана.

Извештајот е доставен до Конгресот, а непишана верзија треба да биде објавена до крајот на неделата.

Остри политички реакции: повици за оставка

Откако беа објавени наодите, потпретседателот на Комитетот за разузнавање на Сенатот, демократскиот конгресмен Марк Ворнер, го повика Хегсет веднаш да поднесе оставка.

„Истрагата заснована на докази јасно покажува дека секретарот Хегсет ги загрозил животите на американските пилоти. Со споделувањето на доверливи оперативни детали на необезбеден групен разговор, тој создал неприфатливи ризици за безбедноста на нашите луѓе и оперативната тајност“, рече Ворнер.

Тој исто така додаде дека инспекторот има сознанија за „повеќе разговори преку Сигнал“ што Хегсет ги користел за службена комуникација, што укажува дека ова не е изолиран инцидент, туку „поширок модел на неодговорност“.

„Нашите војници заслужуваат лидерство кое нема да се коцка со нивната безбедност. Го кажав тоа и претходно и ќе го кажам повторно – Пит Хегсет треба да поднесе оставка или претседателот треба да го отстрани“, рече Ворнер.

Секретарот за одбрана набрзо се огласи на Твитер/Х, отфрлајќи ги критиките и тврдејќи дека извештајот не ги потврдува наводите за споделување на класифицирани информации.

„Нема класифицирани информации. Целосно ослободување од вина. Случајот е затворен. Хутите беа бомбардирани додека не се предадоа. Ви благодарам за вниманието“, напиша Хегсет.

Се очекува објавувањето на јавната верзија на извештајот дополнително да ја разгори политичката дебата околу безбедносните пропусти во највисоките структури на Пентагон.
The post Нов извештај ги откри деталите за скандалот што го тресе Пентагон: „Невиден неуспех на врвот на одбраната“ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: