Обраќање на претседателот Пендаровски на Генералната дебата на 76. Сесија на Генералното собрание на Обединетите нации

Претседателот Стево Пендаровски, денеска, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, се обрати на Генералната дебата на 76. Сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

Во продолжение го проследуваме текстот од обраќањето на македонски јазик, а во прилог на албански и на англиски јазик. Видео-материјалот е достапен на следниот линк: https://youtu.be/1KSFyI5XTY8

Почитуван претседател на Генералното собрание на Обединетите нации,

Почитуван генерален секретар на Обединетите нации,

Почитувани екселенции,

Дами и господа,

Имам особена чест и привилегија, за првпат да се обратам на овој еминентен собир во име на Република Северна Македонија. Самиот факт што најголемиот број лидери се денеска овде, наместо да се обраќаме преку видео-пораки, говори дека почетокот на крајот на пандемијата е на повидок.

Изминативе скоро две години речиси и да нема држава која не беше сериозно погодена од ковид-19. Сооченo со предизвик без преседан, човештвото се обедини и го мобилизираше целиот свој капацитет за да ги ублажи последиците од пандемијата и да се подготви за постковид епохата.

И покрај разликите меѓу најразвиените земји и сите останати, што за жал повторно испливаа на површина, бевме сведоци на серија одлични примери на солидарност и човечност низ светот. Иако битката не е целосно добиена, конечно можеме да видиме светлина на крајот на тунелот и повторно да се фокусираме на иднината. Во таа насока треба да поддржиме нови идеи и иницијативи, како што е иницијативата на Г7 ‒ Градиме подобар свет, инфраструктурно партнерство, насочено кон помагање на светот во развој, најсилно погоден од ковид-19.

Пандемијата, како и секоја голема несреќа во историјата на човештвото, е лекција која мораме да ја научиме. Не само ковод-19, туку повеќето од предизвиците со кои се соочува човештвото не запираат на нашите државни граници и не прават разлика меѓу нациите, религиите и идеологиите. Со сите глобални проблеми, без разлика дали се работи за безбедност, пандемии или климатски промени можеме да се избориме само со поголема емпатија, соработка и солидарност.

Дами и господа,

Реалноста, денес, е дека нашиот свет е далеку од безбедно место за живеење. Конфликтите низ целата планета, активни или замрзнати, тероризмот, хибридните закани, продолжуваат да ги загрозуваат нашиот мир и начинот на живеење. Тие продолжуваат да ги загрозуваат човековите права и слободи, предизвикувајќи хуманитарни катастрофи и бранови бегалци. Особено сме загрижени од последниот развој на настаните во Авганистан. Ја споделуваме загриженоста на многу лидери, вклучувајќи го и генералниот секретар на Обединетите нации, кој предупреди дека светот се соочува со уште една хуманитарна катастрофа и повика на помош, здружени напори и солидарност.

Водена од чувството за морална обврска, како и солидарната одговорност, мојата земја, Северна Македонија, веднаш ја искажа својата подготвеност да прими значителен број бегалци од Авганистан, особено од најранливите категории и луѓето кои долги години работеа за агенциите на Обединетите нации во таа земја. За стотици од нив веќе е обезбедено сигурно засолниште и услови за достоинствен живот. Веднаш откако првиот авион со авганистански бегалци слета на скопскиот аеродром, се роди бебе во локалната болница, симболичен извор на надеж и доказ дека животот, сепак победува! Подготвени сме да дадеме свој придонес кон напорите на меѓународната заедница со цел да овозможиме подобар живот за овие лица погодени од воениот хаос и деструкција.

Последните случувања во Авганистан само ги нагласија постојано присутните закани од тероризмот и од насилниот екстремизам. Мораме да продолжиме да работиме заедно и низ еден мултидимензионален пристап да ги решаваме основните причини за тероризмот. Потребно е да ги зајакнеме нашите напори и на национално и на регионално ниво, но, и во рамките на Обединетите нации, во потрага по решенија и механизми за борба против ова зло.

Мултилатерализмот и Обединетите нации како негово универзално олицетворение, треба да бидат движечка сила за зајакнување на инструментите и методите за обезбедување безбедност, демократија, слобода, човекови права, одржлив развој и просперитет за сите. Мораме да го обновиме ефективниот и инклузивен мултилатерализам што дава чувство дека сите заедно учествуваме во обликувањето на нашата судбина.

Во овој контекст сакам посебно да ги потенцирам напорите на генералниот секретар Гутереш за усвојување на најновиот извештај – „Нашата заедничка агенда“, кој ги реафирмира базичните вредности на организацијата и нуди конкретни предлози за поефикасни Обединети нации базирани врз инклузивниот мултилатерализам.

Исто така, ги поздравуваме и активностите на Алијансата за мултилатерализам, иницирана од Германија и од Франција. Ја сметаме за корисна платформа која може да даде нов поттик за зајакната меѓународна соработка.

Во духот на мултилатерализмот, Република Северна Македонија ќе продолжи да ги исполнува своите меѓународни обврски и да ја поддржува работата на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции во креирањето и спроведувањето на јавните политики за прашања од глобално значење.

Почитувани екселенции,

Познато е дека секоја криза е истовремено и нова можност. Ковид-19 нè повикува сите да го преиспитаме нашиот однос кон различните аспекти на животот. Се потврди дека јавното здравје, образованието и науката заслужуваат многу повеќе внимание ако сакаме нивниот развој да биде системски, интегрален и одржлив.

При соочувањето со сложените и меѓузависни проблеми на новото време ни треба посилно и подлабоко партнерство и солидарност. Не само за справување со нивните последици, за преструктуирање на економиите и натамошен развој, туку, понекогаш, за промена на начинот на размислување кој нè држи во место и не носи прогрес.

Притоа, човечкото достоинство треба да биде во фокусот на нашите напори, како на национално, така и на меѓународно ниво. Искоренувањето на сиромаштијата е само почетната точка за обезбедување на минимални права и потреби за сите, а предуслов за тоа е новите генерации да бидат воспитувани во духот на поголема солидарност, а помала нееднаквост меѓу луѓето.

Одговорното визионерско лидерство, во рамките на нашите граници и надвор од нив, е основното средство за постигнување на овие благородни цели. Не треба да бегаме од сопствените обврски; да учиме од нашите грешки и погрешни перцепции, понекогаш предизвикани од немањето волја да ја напуштиме зоната на удобност и да покажеме поголема храброст и решителност во лидерството. Притоа е апсолутно неопходно да слушнеме и вклучиме различни ставови при носењето одлуки.

Не треба да штедиме ресурси и напори за структурно да ја зајакнеме улогата на жените, со крајна цел, целосна родова еднаквост во сите сфери на општеството, без разлика дали станува збор за претприемаштво, безбедност, образование или надворешна политика.

Во овој контекст мора да отвориме дебата за демократијата која се наоѓа под закана на глобално ниво и да продолжиме активно да инвестираме во демократските вредности, сузбивајќи ги авторитарните тенденции, високата корупција и систематското нарушување на човековите права. Затоа, како претседател на земја којашто знае што значи поинаков систем на управување, уште на самиот почеток ја поддржав идејата на претседателот Бајден за свикување самит за демократија во декември оваа година.

Доколку сакаме да ја задржиме моралната супериорност на демократијата во однос на другите модели на политичко управување, мораме да инвестираме во неа, особено меѓу младите генерации. Важно е младите да учат од нашите неуспеси честопати предизвикани од добри намери.

Старата вистина дека ја позајмуваме оваа Земја од нашите деца значи практично да отвориме простор за нивниот придонес, нивната слобода и креативност. Универзалното образование достапно за сите, како основа за личен  развој, ќе ги подготви младите луѓе за полесно соочување со модерните предизвици и ќе го направи светот подостоинствено место за живеење од тоа што е денес.

Ваши екселенции, дами и господа,

Полека се оформува широк меѓународен консензус дека веројатно најголемиот предизвик на нашето време се климатските промени кои ги гледаме секој ден со различен интензитет и во различни форми. За жал, и покрај тоа што ги чувствуваме последиците од климатските промени во секојдневниот живот, и покрај зголемената свест за неопходноста од нивно ублажување, имаме проблем  да се мобилизираме против оваа опасност. Пред нашите очи се одвиваат ужасни сцени низ целиот свет: застрашувачки поплави овде во Њујорк и во Западна Европа, смртоносна серија пожари во Југоисточна Европа и на Медитеранот што предизвикаа загуба на животи и огромни човечки страдања.

Потврдувајќи ги нашите претходни заложби, Северна Македонија останува посветена на Парискиот договор, додека во исто време го зголемува националниот придонес инкорпориран во националните закони, политики и регулаторни мерки. Со голема надеж го очекуваме претстојниот Самит за климатски промени ‒ COP 26 во Глазгов, сметајќи го за една од клучните фази во нашите заеднички напори, да го обновиме единствениот дом што го имаме ‒ нашата планета Земја.

Драги пријатели,

Дозволете од глобалните да се навратам на регионалните, односно националните прашања и дилеми: Западниот Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција. Актуелниот ќор-сокак во тој процес ги фрустрира граѓаните и постојано го намалува нивниот ентузијазам за позитивни промени.

Од друга страна, ваквата состојба ги отвора вратите за геополитички натпревар, но и за поинакви модели на владеење, стеснувајќи го просторот за демократски реформи, толку важни за регионалната перспектива за стабилност и за просперитет.

Крајно време е да ја преиспитаме сегашната фаза од најголемиот континентален проект по Втората светска војна, идејата за Европа, обединета, слободна и во мир. Дали актуелниот статус на европските интеграции во регионот е во согласност со визијата замислена од неговите основачи пред многу децении? Ако сакаме стабилен и просперитетен Западен Балкан како важна алка во континенталната и трансконтинентална стабилност и безбедност, мора да разбереме дека итно е потребен пробив на планот на неговaтa европскa интеграциja.

Како мала земја во Југоисточна Европа, Северна Македонија ја докажа својата способност, заедно со Грција, а со посредство на Обединетите нации, да решава и сложени прашања, како што е таканаречениот „спор за името“, што придонесе за дополнителна стабилност во регионот. Ефектите од Преспанскиот договор кој сега се спроведува, со добра волја, ќе биде од корист и за нашите земји и за регионот во целина. Во исто време сме подготвени да се вклучиме во конструктивен дијалог со нашиот друг сосед, Бугарија, за да обезбедиме целосна имплементација на Договорот за добрососедство и соработка. Продолжуваме да ги зајакнуваме нашата внатрешна стабилност и развојот, како функционално мултиетничко општество, засновано врз начелата на демократија, владеење на правото и човековите права. Притоа сосема сме свесни дека најдобриот можен придонес, што можеме да го понудиме за пошироката стабилност и напредок, е да ги имплементираме сите овие вредности дома, кај нашите граѓани.

На крајот би сакал да истакнам дека од пораките, кои оваа недела ги упатуваме од Њујорк, не треба да останат само зборовите. Без конкретни одлуки денес, светот нема да го направиме подобар утре. Имаме уникатна можност и одговорност како генерација лидери, кои своите земји ги водат низ најголемите предизвици по крајот на Втората светска војна, да преземеме чекори кон создавање помирен и поправеден свет во кој ќе се врати вербата во хуманизмот, слободата, солидарноста и почитување на човечкото достоинство.

Ви благодарам за вашето внимание.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.