Осудувам секаков говор на омраза, навреди и клевети – напиша сопругата на Пендаровски на социјалните мрежи

По серијата осуди и обвинувањата во врска со коментарот што граѓанин присутен на синоќешниот митинг на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во Куманово ги упати кон неговата противкандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, утрово со коментар на социјалните мрежи се огласи и сопругата на актуелниот претседател и кандидат за втор мандат на функцијата, Елизабета Ѓоргиевска.

Претходно наводите на лицето присутно на митингот, за кои од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека е активист на СДСМ, партијата која застана зад кандидатурата на Пендаровски, го осудија повеќемина актуелни и кандидати за идниот состав на парламентот на ВМРО-ДПМНЕ оценувајќи ги како сексистички навреди упатени кон Силјановска-Давкова.

Осуда за ваквиот наратив стигна и од тимот за комуникации од изборниот штаб на Пендаровски, од каде што велат дека коментарот на присутниот на нивниот митинг во Куманово бил недоличен и навредлив.

Сопругата на Пендаровски во кратката објава на социјалните мрежи исто така вели дека осудува секаков вид говор на омраза.

„Осудувам секаков вид говор на омраза, навреди и клевети“, напиша Ѓоргиевска на нејзините профили на Фејсбук и „Икс“.

Пронајдете не на следниве мрежи: