Отец Јаков: бадникови гранчиња е исклучиво српски обичај, кој не го негува ниту една од Православните Цркви

„Покајание“: Во пресрет на големиот празник на Христовото раѓање, верувам, ќе ги интересира читателите Вашето објаснување за чинот на палење бадникови огнови, придружено со алкохол, музика и многу храна. Од кога датираат овие обичаи, колку имаат врска со паганизмот и каде е тука христијанската симболика?
Отец Јаков: Црквата, секогаш, во својата икономија (снисходење при грижата за човековото спасение) се обидувала да пронајде некаква духовна конотација и да им даде христијански карактер на некои чисто човечки обичаи и појави. Во целокупната атмосфера на Бадник, на улиците низ нашата земја и во сите оние појави што ја чинат таа атмосфера, а ги спомнувате, колку и да сакате, колку и да имате добра намера, не можете да најдете ништо христијанско, а уште помалку, пак, да ги христијанизирате на каков било начин. Кажете ми, како би го христијанизирале јадењето месо и пиењето огромни количини алкохол во пост, при татнење на гласна и најчесто шунд-музика, која опева и воспева сѐ, само не витлеемскиот Богомладенец!? Луѓе, кои за себе велат дека се христијани, пијат ракија и играат околу запалени огнови како да не Го познале Бог!? И сето тоа се случува во предвечерието на Христовото Раѓање! Колку и да звучи ова дрско, си земам за право да го кажам, затоа што речиси никој од тие луѓе околу огновите нема да го видиме утредента на Света Литургија, местото каде што се среќаваме и се соединуваме со Бог. Навистина тажно…
„Покајание“: Што уште ќе ни кажете околу фиксацијата на граѓаните за бадниковите гранчиња, особено за богатата и со риба бадникова вечера, делењето на лебот со паричка, воочи големиот Ден? Постои дури и несфатлив страв кај одредени луѓе и само од помислата да ја средат (раздигнат) трпезата, туку ја оставаат масата со храна до изутрината, магиски верувајќи дека само така Господ цела година ќе им благослови здравје и бериќет.
Отец Јаков: Бадниковите гранчиња се сосема нова пракса, барем во поголемиот дел од нашата држава, која особено се актуализираше во последните две децении и е повеќе прашање на идентитет, отколку некаков црковен проблем, со оглед на тоа дека користењето бадникови гранчиња е исклучиво српски обичај, кој не го негува ниту една од Православните Цркви. Таканаречената „бадникова вечера“ е посебна приказна и сигурно дека би ја препознале како дел од Преданието на Црквата доколку не беше проникната со таа „тeoлогија“ на стравот да не се станува, да не се раскрева итн. Сите, како деца, сме го почувствувале тоа ограничување на детската слобода на бадниковата вечера на која не смееш ова, не смееш она… Друго нешто што ја карактеризира оваа вечера е нејзиниот антицрковен карактер, односно дека тоа е само семејна вечера и толку.
Ќе беше вистинска икона на Црквата и во склоп на Преданието ако на неа имаше место и за бездомниците, гладните и жедните, а количината на јадењето што се подготвува во секој дом оддалеку ги надминува потребите на оние што седат на таа трпеза. Паричката што се става во т.н. бадниково лепче повторно е одлика само на Српската Православна Црква. Во поголемиот дел од нашата држава, поготово во западниот, и што е најважно, во нашите манастири, на Света Гора и во сите други помесни Цркви, вакво лепче со паричка се прекршува на 14 јануари, на денот на свети Василиј Велики, и има свое значење; додека, пак, за причините за истиот обичај на Бадник никој ништо не знае да ви каже, освен некои површни и неаргументирани, врз основа на Преданието, толкувања. Сѐ што реков е единствено со цел да се поправиме и сите овие застранувања да ги сообразиме според евангелските принципи. За тоа што е црковно, а што не е, критериум не е ниту моето, ниту чие било друго мислење, туку евангелската, соборна свест на Црквата Христова.
„Покајание“: Што мислите за иницијативата на МПЦ – ОА и верниците во иднина да се создаде сѐ повеќе навика старата коледарска песна „Коледе – леде“ да се замени со новата „Вечниот Бог“?
Отец Јаков: Коледарите, т.е децата што доаѓаат пред вратата од нашиот дом воочи Божик, ги симболизираат ангелите што на пастирите им го објавиле Христовото Раѓање. Пеејќи песни што го воспеваат овој спасителен настан, тие носат мир и благослов Божји во сечиј дом, а за возврат ги пречекува христијанската дарежливост на домаќините, кои на тој начин ја искажуваат општата радост поради раѓањето на Спасителот. Овде повторно се соочуваме со пагански и нехристијански остатоци по однос на содржината, на добар дел од коледарските песни, како на пример, песната: „Коледе – леде, паднало греде, утепало деде…“, итн. Зарем не требаше овие деца да објават Мир на земјата и да донесат благослов во секој дом!? Како ќе го направат тоа пеејќи деструктивни песни за убивање, страдање и мачење!?
Апсолутен контраст на сето тоа е содржината на песната „Вечниот Бог“, која го објавува Раѓањето Христово и носи Мир и благослов, бидејќи извира од древното Предание на Црквата. Фала Му на Бог, секој нареден Божик децата сѐ помасовно и погласно Го воспеваат вечниот Бог, Кој се воплоти и стана човек и тие ни се вистински пример како се поправаат погрешните нешта.
„Покајание“: Што мислите Вие за одредени музички правци (хеви метал, на пример)?
Отец Јаков: Велат дека од сите уметности музиката ѝ е најсродна на човековата душа, бидејќи е нематеријална, условно кажано, во однос на грубиот материјален свет, и ништо толку силно не може да ја придвижи како што може музиката. Во голема мера се согласувам со ова мислење, од проста причина што и во Црквата, музиката, односно пеењето, е еден од начините на коишто ги изразуваме своите најдлабоки чувства, пред сѐ, кон Бог. Постојат мислења, па дури и во црковните, богословски кругови, кои се обидуваат конкретни музички жанрови или правци да ги детерминираат како богоугодни или богопротивни. Мојот одговор на Вашето прашање навистина не би сакал да оди во тој правец, бидејќи, лично, тоа го сметам за дрскост во однос на слободата на секоја личност, освен во случаите кога во одредени музички остварувања се хули на Бог, или пак, се велича сатаната. Во една прилика, истото прашање му го поставиле и на свети Нектариј Егински. Неговиот одговор во целост го содржи и моето скромно мислење: „Онаа музика што ти ја исполнува душата со свети и тивки чувства, слушај ја како богоугодна. Онаа, пак, што ќе ти ги разбранува страстите, отфрли ја како бесовска“.
Извор: Религија.мк

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.