Петровска: Членството во НАТО е апсолутна гаранција за нашата безбедност

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска вели дека набавката на хеликоптерите за армијата, кои покрај транспортот ќе може да изведуваат и друг широк спектар на операции – мисии за огнена поддршка, извидување, задачи со специјални сили, поддршка на цивилни институции во услови на елементарни непогоди и кризни состојби.

„Нашите експерти од воздухопловниот ВИНГ на брифингот за новинарите покажаа со какво вооружување ќе бидат опремени хеликоптерите. Тоа значи дека припадниците на Интегрираниот проектен тим внимавале на се и добро се погрижиле хеликоптерите да одговорат на сите евентуални потреби на Армијата, ВИНГОТ и државата, што беше и наведено во оперативното барање на Генералштабот за набавка на новите хеликоптери. Значи не е опозицијата таа што кажува какви хеликоптери ни се потребни, туку експертите и познавачите во Армијата,“ истакна Петровска во интервју за „Локално“.

Во однос на тоа дали се модернизира доволно брзо македонската армија со оглед на се понесигурната средина во која се наоѓа земјата и поради заканите од Русија кон земји-членки на НАТО, Петровска истакнува дека членството во НАТО е апсолутна гаранција за нашата безбедност и е додадена вредност. Тоа спротивно на вашето тврдење, значи посигурна средина во која се наоѓа земјата.

„Заканите на Русија кон која било земја членка на НАТО нема да се реализираат бидејќи тоа значи одговор од сите 32 земји членки на НАТО, чија основна задача е гаранција на безбедноста на граѓаните на земјите членки на Алијансата. Дали Армијата се модернизира е сосема очигледно – износот на севкупниот буџет на Армијата во 2016 денеска е еднаков на износот кој се издвојува само за модернизација,“ рече Петровска.

Таа информира дека вкупниот буџет е неколкукратно зголемен и изнесува 2,05% од БДП.

„Граѓаните можат да се чувствуваат апсолутно сигурни и безбедни бидејќи конечно државата вложува во Армијата – во нејзиното опремување, во условите за работа, во секој еден припадник на Армијата поединечно, и бидејќи тоа денеска е Армија на НАТО,“ порачува Петровска.

Пронајдете не на следниве мрежи: