ПИТА СО УРДА: Мека и вкусна како памук, сите први се грабаат за неа

Рецепт и видео презентација на Том Филос – Пита со сирење. Сите македонски рецепти се вкусни и познати во регионот, а една од најпознатите пити е токму сеченицата, уникатниот македонски тутманик или како што уште се нарекува во прилепскиот крај – копишмиде.
За да го приготвите тестото ќе ви бидат потребни следниве состојки: 600 г брашно, 1 лажица сол, 1 лажица шеќер, 10 г сув квасец и млака вода (околу 400 мл).
Уште ќе ви биде потребно малку масло за наросување на корите и урда или ситно сирење за филување, како и една жолчка помешана со една лажица масло за премачкување на питата.
Постапка: Во малку млака вода додајте една лажица шеќер и сувиот квасец. Промешајте добро за да се растопи шеќерот. Во брашното додајте ја солта и промешајте.
Направете вдлабнување, па додајте го растворениот квасец и со постепено додавање на млака вода замесете убаво средно меко, но мазно тесто кое се одвојува од ѕидовите на садот.
Доколку имате миксер за тесто, само ставете ги сите состојки и оставете машината убаво да го измеси тестото. Измесеното тесто покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло да стасува околу половина час, додека да го удвои волуменот.


Стасаното тесто истресете го на работна површина и малку премесете го, колку да формирате валјак. На тој начин полесно ќе го поделите на три еднакви делови. Од секој дел формирајте топка.
Покријте ги тестата со проѕирна фолија и оставете ги да одморат 15 минути. Големиот плех од рерна намастете го со малку масло преку целата површина. Потоа од секое тесто развлечете колку што можете потенка кора.
Одозгора наросете ја со масло и урда или ситно сирење. Започнете со диплење на кората: двете страни преклопете ги кон средината, а одозгора и нив наросете ги со малку масло и урда.
Потоа доближете го плехот покрај кората (за точно да ја одредите должината), па подвиткајте ги двата спротивни краеви. На овој начин ќе добиете праволагона кора со димензиите на плехот во кој ќе се пече питата.
И овие делови од кората малку наросете ги со масло и урда. Уште еднаш здиплете ја кората, па добиениот ролат ставете го во намастениот плех. Постапката повторете ја и со двете други теста, а здиплените ролати наредете ги еден до друг во плехот.
Вака приготвената пита поклопете ја со проѕирна фолија и оставете ја на топло да стасува половина час за да го зголеми волуменот и да стане воздушеста пред печењето.
После половина час премачкајте ја со изматена жолчка и малку масло и ставете да се пече во преходно загреана рерна на 220 степени околу 25 минути или додека убаво да зарумени.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.