Покрај Светиот великомаченик Димитриј, денес е и Спомен на големиот земјотрес

Во времето на царот Лав Исавријанин имаше страшен и долготраен земјотрес во Цариград во 140 година. Народот тоа го сфати како казна Божја за гревовите и Ѝ се молеше на Пресвета Богородица и на Свети Димитриј со големо покајание, додека Бог не се смилува и земјотресот не престана.

Овој славен и чудотворен светител се роди во градот Солун од благородни и благочестиви родители. Измолен од Бога од бездетни родители Димитриј беше син единец, заради што беше воспитан и однегуван со големо внимание. Татко му беше војвода солунски, па кога умре татко му го поставија Димитриј за војвода наместо неговиот татко. Кога го постави за војвода, христоборниот цар Максимијан особено му препорача да ги гони и истребува христијаните што беа во Солун. Но Димитриј не само што не го послуша царот туку напротив, јавно Го исповедаше и Го проповедаше Христа во градот Солун. Кога слушна за тоа царот Максимијан многу се огорчи на него, па еднаш враќајќи се од војна, царот сврати во Солун посебно за да ја испита оваа работа. Го повика, значи, војводата Димитриј и го испитуваше за верата. Димитриј јавно пред царот призна дека е христијанин и го изобличи идолопоклонството на Максимијан. Разјарен, царот го фрли Димитриј во затвор. Знаејќи што го чека, Димитриј му го врачи сиот свој имот на својот верен ученик Луп за да го раздаде на сиромасите и отиде во затворот весел, зашто му претстоеше страдање за Господа. Во затворот му се јави ангел Божји и му рече: „Мир на тебе, страдалецу Христов. Биди храбар!“ По неколку дена царот испрати војници во затворот за да го убијат Димитриј. Војниците го најдоа Божјиот Светител на молитва и го избодија со копја. Неговото тело тајно го зедоа христијаните и чесно го погребаа. Од телото на Христовиот страдалник потече исцелително миро, со коешто мнозина болни се излечија. Наскоро над моштите беше подигната малечка црква. Еден илирски војник, Леонтиј, беше болен од неизлечлива болест. Им притекна на моштите на Св. Димитриј со молитва и стана наполно здрав. Од благодарност му подигна на Св. Димитриј црква многу поголема од старата. Светителот му се јави двапати. Кога царот Јулијан сакаше да ги пренесе моштите од Солун во Цариград, од гробот скокнаа пламени искри и се чу глас: „Застанете и не гибајте!“ И така моштите на Св. Димитриј останаа засекогаш во Солун. Како заштитник на Солун Св. Димитриј се јавуваше многупати и многупати го спаси Солун од големи неволји. Неговите чуда се навистина безбројни. Русите го сметаат и за покровител на Сибир, којшто го освоија и го присоединија кон Русија во 1581 година.

Тропар
Целиот свет најде во тебе заштитник, страдалнику, кој ги победуваш незнабошците. И, како што си ја победил горделивоста Лиева, и за борба си го охрабрил Нестора, така свети Димитрие, моли се на Христа Бога, да ни дарува милост голема.

Кондак
Со потоците на твојата крв, Димитрие, Црквата ја обои Бог, Кој ти даде сила непобедлива и твојот град неоштетен го запази, зашто ти си негова поткрепа.

Преподобниот маченик Јоасаф

Ученик на Св. Нифонт, цариградскиот патријарх. Се подвизуваше на Света Гора. Имаше толку љубов кон Христа, што сите подвизи му се сторија недоволни, заради што сакаше да пострада од љубов кон својот Господ. Затоа отиде во Цариград, каде што јавно пред Турците ја исповеда својата вера во Пресвета Троица и во Синот Божји. Огорчени Турците му ја отсекоа главата на 26 октомври 1536 година.

Тропар
Добродетелниот живот твој, преподобен, ревноста ја запали во срцето твое, о Јоасафе, оче преподобен, и по молитвите на Нифонт великиот, високо беше подигнат кон Господа, на крилјата на маченичкото исповедување. Спомни си за нас сега ти кој плен плени бесмртен во висината на гората Христова.

Спомен на големиот земјотрес

Во времето на царот Лав Исавријанин имаше страшен и долготраен земјотрес во Цариград во 140 година. Народот тоа го сфати како казна Божја за гревовите и Ѝ се молеше на Пресвета Богородица и на Свети Димитриј со големо покајание, додека Бог не се смилува и земјотресот не престана.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.