Полнети пиперки со преубав фил во интересна комбинација

Пригответе интересен ручек со највкусните полнети пиперки. Во продолжение прочитајте неколку рецепти со различни комбинации, па вие одберете кој ви е најинтересен и највкусен. Сите рецепти се проверени и кој и да го одберете, нема да погрешите.
I РЕЦЕПТ и видео презентација на Мои Домашни рецепти – Полнети пиперки со мелено месо, уникатна вечера, сите ќе сакаат да ја пробаат. Потребни состојки: 500 г мелено месо, 1 главица кромид, 100 г ориз, сол, црвен пипер, црн пипер, 1 кг пиперки (6 големи пиперки)/ 10 големи листови кисела зелка, 800 мл врела вода, буковец.


Јадењето се пече во загреана рерна на 220 степени околу 50 минути. Постапка: Кромидот ситно исечкајте го и пропржете го на малку масло доддека да омекне и застакли. Додадете го меленото месо и пржете го заедно со кромидот додека да ја промени малку бојата.
Потоа додадете го оризот претходно измиено во ладна вода. Промешајте добро и зачинете со сол, црвен пипер и црн пипер. Тргнете го на страна и оставете го малку да подизлади. Пиперките добро измијте ги, исцедете ги и исчистете ги од семе и дршки.
Секоја наросете ја внатре со прстофат сол, а потоа полнете ги со филот од мелено месо. Полнетите пиперки нарете ги кружно во намастената тепсија, а помеѓу нив ставете по една свиткана сарма (од големите листови од кисела зелка отстраете го тврдиот дел, полнете ги со филот од мелено месо и убаво свиткајте ги).
Исто така, и средината на тепсијата пополнете ја со сарми од кисела зелка, а празнините со преостанатото меленото месо. Вака приготвеното јадење прелијте го со 800 мл врела вода и ставете да се пече во загреана рерна на 220 степени околу 50 минути или додека убаво да зарумени и да се запече одозгора. Уживајте во вкусното јадење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
– Полнети пиперки со преубав фил: Овој рецепт злато вреди! Многу вкусно јадење, секогаш кога ќе го приготвам цело се изедува. Потребни состојки: 1 кг мелено месо, 3 главици кромид, 3 домати, 2 китки магдонос, 1 супена лажица сув зачин (вегета), 1,5 шолја за кафе ориз, сол и црн пипер по вкус, 1 лажичка црвен мелен пипер,
Потоа, 100 г путер, 100 мл маслиново масло и пиперки за полнење, може црвени, зелени, бабури, сомборки, ајварки, по избор. Постапка: Меленото месо пропржете го со путерот. Додадете ситно сечкан кромид, црвен мелен пипер, вегета, сол и црн пипер по вкус.
Кога ќе испари вишокот сок од кромидот, додадете измиен ориз и ситно сечкан магдонос. Промешајте убаво за да се изедначи смесата, па тргнете од оган. Во меѓувреме исчистете ги пиперките од семето и малку исечете го врвот, не целосно, сепак низ него да влегува водата при печењето, така се посочни.


Од доматите направете капи со кои ќе се затворат полнетите пиперки. Внатрешната страна од доматот ситно се сечка и се додава во филот. Внимателно се полнат пиперките со филот и се затвораат со парче домат. Се редат во тепсија. Се додава една чаша вода и маслиново масло.
Се покрива тепсијата со алуминиумска фолија. Може да се користи и огноотпорен сад за печење со капак. Ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени. Повремено проверувајте дали се готови пиперките, а пред крајот тргнете ја фолијата или капакот и оставете уште малку да се запечат.
Послужете ги топли со јогурт, таратур или друга салата. Полнетите пиперки може да се направат и еден ден порано, а погодни се и за замрзнување. Оставете ги сами да се одмрзнат или одмрзнете ги во микробранова печка. Зимно време ги правам од замрзнати пиперки кои претходно сум ги исчистила од семето и сум ги замрзнала.
Капите ги редам во тепсија, ги замрзнувам, а потоа ги вадам и ги чувам во кеса. Ги полнам додека се замрзнати пиперките и ги затворам со замрзнати капи. Коментар на Ирена Илиевска-Голубовиќ: “Јас ги правам на друг начин и без ориз само со мелено месо и со пасиран домат:
1 главица ситно сецкан кромид го пропржувам потоа го додавам меленото месо и зачини по вкус магдонос, оригамно , вегета , црн бибер… Кога цела смеса ке се испржи додавам пола литар пастеризирано доматно пире и го оставам едно 15 на тивко да се крчка.
Потоа ги полнам пиперките со смесата и ако остани од филот го турам во тепсијата , настрана во еден подлабок сад ставам 3 лажици брашно и вода и убаво да се измеша и преливам преку пиперките и 1 чаша вода прекривам со фолија и се печат на 180 околу пола сат пред крај ја тргам фолијата и ги оставам уште 10 минути … на здравје ”– Малку поинакви полнети пиперки – рецепт кој ги воодушеви моите гости. Едно од највкусните јадења. За полнење може да користите бабури или обични зелени или црвени пиперки. Потребни состојки: 400 г мешано мелено месо, 2 лажици ориз, 1 лажица ситно сечкано суво месо или сланина, 1 лажица ситно сечкан магдонос, 1 чешне лук, 1 јајце, масло, 500 мл доматено пире, сол, црн пипер, сув зачин (вегета).
Постапка: Со оглед на тоа што користам домати од дворот, истите ги пасирам непосредно пред приготвувањето на јадењето. На врело масло ставам една лажица шеќер, па кога ќе почне да се карамелизира додавам ситно сечкан лук и исечканиот домат, па малку посолувам.
Ова го готвам толку долго, додека лушпата да почне сама да се одвојува од доматот. Потоа целата содржина ја пасирам. Секако, во овој рецепт можете да користите и готово доматно пире. Пиперките исчистете ги и исечете ги како буренца со должина од 5-6 см. Може да користите црвени, зелени и жолти пиперки.
На масло кратко пропржете го оризот, па додадете го во меленото месо на кое претходно сте му додале едно јајце, суво месо, магдонос, лукче, вегета, црн пипер и по потреба малку сол. Добро измешајте да се изедначат вкусовите. Со вака приготвената смеса полнете ги пиперките.
Во длабока тава загрејте масло, па во неа кратко запржете ги полнетите пиперки од едната и од другата страна. Потоа прелијте ги со доматното пире, додадете гранче магдонос, па гответе на тивок оган околу 60-90 минути, а по потреба додадете уште малку доматно пире или вода (ако е прегусто).
Ако нивото на пасираниот домат е помал од висината на пиперките, тогаш на половина готвење превртете ги внимателно. Полнетите пиперки на истиот начин можете да ги наредите во соодветен плех, да ги прелиете со доматно пире и да ги испечете во загреана рерна на 200 степени околу 60-70 минути.


Кога ќе зоврие намалете ја температурата на 180 степени, а на половина печење извадете го плехот од рерна и превртете ги пиперките. Кога ќе се запечат и од другата страна, извадете ги од рерната. Послужете ги со компир-пире или по желба.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.