Поради почит кон убиениот колега во понеделник матичните лекари од 12 до 16 часот нема да работат

Матичните лекари во земјава во понеделник од 12 до 16 часот ќе престанат со работа за да искажат почит кон убиениот колега на паркингот пред Поликлиниката „Железара“ во Скопје, но и за да покажат колку се незаштитени.

Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните матични лекари, вели дека имало предлози прекинот на работата да биде подолг, но се одлучиле за 4 часа за да не биде на штета на пациентите.

Ова не смееме да го премолчиме. Секој од нас можеше да биде на местото на убиениот колега. Колегите се едногласни во ставот дека мора да реагираме. Имаше предлози прекинот да биде и шест часа, но се догворивме да бидат четири и одлуката е веќе донесена. В понеделник, во периодот од 12 до 14 часот, матичните лекари нема да даваат ниедна услуга. Мора да кажеме колку сме незаштитени како лекари во примарно здравство. Немаме ниту, пак, со капитацијата можеме да си платиме обезбедување, а работиме со секакви пациенти“, изјавила Чолакова-Дервишова за „Макфакс“.

Матичните лекари сакаат да издејствуваат донесување на Закон за докторска дејност, кој предвидува поголема заштита на лекарите.

„Законот е подготвен и фаќа прашина во некоја фиока. За него зборувавме уште кога беше министер Никола Тодоров. Многумина се сменија од тогаш, а законот не е донесен. Под итно треба да се донесе“, вели таа.

МВР утрово соопшти дека доцна синоќа на паркингот пред Поликлиниката „Железара“ со убодни рани од нож бил пронајден 67-годишен лекар. Го пронашле синовите, кои излегле да го бараат, оти не се вратил од работа.

Убиениот бил матичен лекар, концесионер со ординација во Поликлиниката.

Пронајдете не на следниве мрежи: