Претстојните избори ќе бидат клучни за иднината на оваа земја, важно е граѓаните да излезат и да гласаат

„Македонија е во Европа, ова е европска земја и со право припаѓа во Европа. Затоа, движењето кон целосна евроинтеграција во евроатлантската структура е од клучна важност“, рече американската амбасадорка во земјава

Важно е гласачите и во Македонија и во САД да се едуцираат, да бидат свесни за тоа кои се различните гледишта на политичките партии, да размислат за нив, да бидат свесни за дезинформациите и лажните вести, а потоа да го погледнат изборот кој е пред нив и да побараат од кандидатите визија за иднината на оваа држава. Ова вечерва во вестите на ТВ Канал 5 го изјави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, коментирајќи ги претстојните парламентарни избори кои во земјава треба да се одржат на 24 април и на 8 мај, но истовремено споредувајќи ја состојбата со Соединетите американски држави, кои исто така годинава ги очекуваат претседателските избори.

„Предизвиците со кои се соочува Македонија денеска се далеку покомплексни од „про“ ова или „про“ тоа. Не станува збор за единствен избор, има многу прашања за кои верувам дека граѓаните на оваа држава бараат да слушнат решенија и да видат акција. Интересниот дел на ова е дека имаме избори и во САД исто така годинава како што знаете, дека секогаш има кандидати кои ќе работат да создадат похаотична средина, кои не ги адресираат вистинските прашања. Верувам дека Македонија е во клучен момент и дека изборите кои доаѓаат, активностите, напредокот за реформите кој ќе се одвива во следната година или неколку години ќе биде клучно за иднината на оваа земја“,

рече Агелер.

Според неа, С Македонија е земја која има многу ресурси, а како што рече најголем ресурс се младите луѓе, граѓаните, но и природните и културните ресурси.

„Македонија е во Европа, ова е европска земја и со право припаѓа во Европа. Затоа, движењето кон целосна евроинтеграција во евроатлантската структура е од клучна важност. Повторно, тоа што е многу важно, не само за граѓаните да се едуцираат самите себеси, но можеби уште поважно, е откако ќе го направат тоа, тие мораат да гласаат“,

вели таа.

Американската амбасадорка во земјава вели дека е тажно тоа што слушнала како голем број на луѓе велат дека им е смачено од политика, дека им е смачено да слушаат политичари, па дека затоа одлучиле да не учествуваат на изборите.

„Од клучна важност е во демократија, ние како граѓани да го сфатиме тоа многу сериозно и да бараме од нашите кандидати која е нивната визија за нашата иднина, да видиме кои се нашите цели за нашите семејства, за нашата заедница, за оваа земја. И потоа од клучна важност е на 8 мај да излезат и да гласаат, затоа што важно е тие да ги изберат кандидатите кои тие сметаат дека ќе ги однесат кон најсветлата иднина за оваа земја“,

рече амбасадорката Агелер.

Агелер пред една недела посочи дека во пресрет на изборите во С Македонија се очекува зголемена активност на хибридни закани.

„Да знаеме за хибридните закани е многу важно. Како што веќе кажавме хибридно не значи дека пешадија ви влегува преку граница, но дали е мешање во пресрет на изборите или е дезинформација. Знаеме дека Русите се тука, во овој регион, практикувајќи злонамерно влијание, кое сме го виделе во целиот свет. Во моментов нивните дејства ги гледаме и во САД, а имаа и влијание во нашите претходни избори. Тие се многу активни овде и ја користат секоја можност да шират хаос“,

вели Агелер.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.