ПРОМЕНА НА ТАКТИКА:Приватните превозници ги дислоцираат протестите, блокирана ќе биде „само“ Илинденска


Координативното тело донесе одлука протестите од раскрсницата кај Црвен крст и „Мавровка“ да се дислоцираат утре во 10 часот пред бараките на Град Скопје на булевар „Илинденска“, кој што ќе биде блокиран во сите четири ленти, на потег од позади Владата кон Карпош до „Алумина“, информира денеска на прес-конференција Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“.

„Имавме координација со координативното тело на приватните превозници. После вчерашната прес-конференција во Градот Скопје, еден таков дебакл, една таква срамота и брука што е направена, сѐ повеќе излегуваат на виделина аргументите кој е главниот виновник за состојбава, кој е главниот виновник што граѓаните на Град Скопје ни криви, ни должни мораат да го трпат сето ова, која е главниот виновник што не сме исплатени, кој е главниот виновник за хаосот во сообраќајот. Тоа е директно градската управа, градоначалничката на Град Скопје – Данела Арсовска. Сѐ повеќе нашиот револт се насочува и се фокусира кон управата на Град Скопје“, рече Муриќ.

Тој потврди дека остануваат на ставот ниту еден превозник да не се јави на јавниот повик од страна на Град Скопје, посочувајќи дека тоа е само обид за разединување и разбивање на единството на приватните превозници.

„Тој оглас прво е многу некоректно направен и некоректно поставен. Зошто? Нека ни го исплатат долгот што ни го должат, нека ни ги презентираат условите па да разговараме. Меѓутоа, без да ни го исплатат долгот и без да нѐ вклучат како неправедно исклучени од сообраќај, како што најавувавме и порано, работите во од да се решаваат, ни на крај памет не ни е, на ниту еден од нас тука, одговорно ви тврдам. Значи, тоа е една фарса и обид за разнебитување и разединување на приватните превозници што ви гарантирам дека нема да се случи“, рече Муриќ.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побараат повторно средба со градските власти, Муриќ изјави дека Арсовска нема намера да разговара со нив, бидејќи како што рече, ги нема аргументите.

„Колку пати веќе баравме средба со градоначалничката на Град Скопје. Колку пати вие медиумите ја чекавте да ви даде изјава. Таа нема намера да разговара ниту со вас, ни со нас бидејќи ги нема аргументите. Да ги имаше аргументите и да беше во право многу, многу одамна ќе излезеше и ќе се разјаснеа работите“, рече тој.

Во однос на тоа дали има некој друг механизам за да ги добијат средствата кои приватните превозници бараат да им се исплатат, Муриќ истакна дека ќе бараат помош директно и од премиерот Димитар Ковачевски.

„Ќе бараме помош од сите засегнати институции, од повисоките истанци на власта. Ќе бараме помош директно од премиерот на Република Македонија, затоа што тој е премиер на сите граѓани, а ние сме дел од тие граѓани. Засегнати сме директно и бараме помош, медијација, било каква форма ќе бараме и од него“, рече Муриќ.

Еден возач, кој оваа оваа дејност ја извршува веќе 33 години, рече дека му должат околу шест илјади евра.

„Јас со една смена шест илјади, имаме колеги што се по 10 смени, по 11 смени, тука се некаде по 60-70 илјади евра, а должат по 100 илјади евра нафта. Ние ова што го работиме веќе три години сме во минус. Од пандемијата наваму ние сме сѐ во минус. Но, ајде, ќе издржиме. Јас оваа дејност ја извршувам веќе 33 години. И сѐ сме во минус. Три години и повеќе сме во минус. Јас не можам 25 илјади денари да ги одвојам на страна за да ја хранам фамилијата. А кај ми се трошоците, кај за да го обновам возилото. Па јас со 25 илјади и едно 5 илјади се позајмувам од другариве, од колегиве за да излезам на крај. Не можам да излезам на крај со мојата плата. Имам трошоци кај автобусот. Не можеме веќе, исцрпени сме“, рече возачот.

Муриќ им се извини на граѓаните за направениот сообраќаен метеж поради протестите на приватните превозници. Упати јавно заблагодарување до припадниците на МВР и нивните претпоставени за, како што рече, коректниот однос и соработка со нас.

Приватните превозници бараат од Град Скопје да се подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање поради недостиг на средства.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.