Ременска му заблагодари на Сашо Мијалков за се што сторил за татковината

🥰 Честитка за Илинден до бате Саше 🥰

“Бате Саше ❤ од срце ти благодарам за честитката за Илинден. Немаше денот да биде ист, ако не дознаеме дека си ни ја упатил за празникот на Татковината 🇲🇰 и да не ја пренесоа медиумите оваа важна вест.

Ременска му заблагодари на Сашо Мијалков за се што сторил за татковината

Ти си единствениот кој остана да стои на нејзиниот браник …, сите други кукавици, бугараши, предавници и шпиони кои работат само за личен интерес.

Точно е дека државата поминала и поминува низ многу премрежја и во минатото и денес бате Саше.

Твоето време додека не’ водеше низ државните премрежија беше едно од најтешките времиња. Само ти и твоите блиски и пријатели знаат колку непреспани ноќи си ја чувал и си ја бранел Татковината и нејзиниот Буџет од непријатели, разни тендераши, странски служби, предизвици и мрачни сили, додека ние-народот мирно сме спиеле. Ти и денес не’ браниш, а ние уште спиеме.

Да не беше ти и твојата посветеност кон Татковината ние немаше да дознаеме дека ти цело време си не’ бранел нас од самите нас. Ма, какво масовно прислушкување, какви плацеви, станови и бизниси …, ти вадат муабети.

Па, ти цело време си мислел за наше добро. Си сакал да не’ заштитиш од нашите блиски и од пријателите кои сешто зборувале за нас по телефони, а ние сме ги дружеле.

Си сакал економијата да се развива преку границите на нашата Татковина, дур до оние островите што ние (простиот народ) ги дознавме дека постојат благодарение на тебе.

Си сакал да има обрт на буџетските пари во милијарди, да се гради, а не да се тупи со урбанистички планови и зеленило.

Па, ти бре патриоту си мислел и на сите оние кои можеби на некој лицитација ќе си купат некој твој плац што ти си го заштедил за нив, а они мислат дека не си го пријавил на Татковината.

Па, ти човече ќе ја финансираш Татковината со цели 36 милиони што си ги заштедил за да ни ги дадеш во овие кризни времиња кога нема пелети, дрва, нафта и кога поскапе зејтинот.

Па, ние всушност не знаеме дека со остатокот од тие што не ти ги зедоа еден ден може и плата да поделиш на цела јавна администрација, една година со се’ придонеси.

Ти како врвен трговец и домаќин човек не сакаш сите да знаат колку чуваш под перница за црните денови на Татковината.

Па, ти во Собрание си не тепал за наше добро човече. Малку си тепал да знаеш, ти нас арно, а ние тебе лош те правиме.

Ние изгледа не сме те разбрале добро што ти значи твоето тефтерче. Па, тоа да ти било како табакерата на Гоце Делчев. Извини, молим те. Го вртиш тефтерчето и сите што се на браникот на Татковината како тебе се во готовс – спремни да ја прифатат твојата саможртва за Татковината.

Остај ги што зборат дека ќе си летувал во затвор во Струга. Лупаат глупости.

Ние изгледа не знаеме дека ова твое премрежје и жртва е за Татковината и придонес кон правната држава. А, замисли да го напуштеше браникот и Татковината? Па немаше да знаеме дека ти си најголемиот самурај кој е спремен да се жртвува и да се пати за Татковината.

… Имам многу да ти пишам бате Саше, но извини немам време да ги наредам сите твои заслуги за Татковината, за буџетот, за бирото за вработување и за народот.

На крајот, во право си кога најголема почит оддаваш на паднатите за Татковината. Гинеа многу бате Саше и во минатото, во твое време и денес.

И не се нервирај што ќе ти замерат денес што не си испратил слика да видат на кој споменик си положил цвеќе денес.

Немаш ти време да бидеш тривијален, да ти аплаудираат сите и да ти биде незгодно што си толку славен.Ти се спремаш нели да се жртвуваш на 08 август за Татковината и да влезеш во темните струшки зандани …, осиромашен, онеправдан и наклеветен.

Срам да ни е на сите што не сме ја сфатиле твојата големина и денешната честитка во која велиш дека ти и сите ние ќе ја поведеме Татковината напред со нови сили.

Извини и што не знаевме дека ти 24/7 не водиш и си спремен секогаш да не’ водиш – од сад, па на даље и у будуќе.

Фала уште еднаш што з’грме и ни се јави на Св.Илија, а некои мислеа дека само Бранко г’рми.

Честит празник бате Саше ❤ Македонија вечна 🇲🇰

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.