Ристоска за „Талир 2“: Предметот ми беше одземен за да се избегне конфискација на имотот на ВМРО-ДПМНЕ

Обвинителката Ленче Ристовска која седум ипол години го водеше предметот „Талир 2“ по што и беше одземен, денеска во објава на Фејсбук оценува дека одлуката на Кривичниот суд за ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски само го потврдува нејзиното уверување дека овој предмет и бил одземен за да се избегне конфискација на Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во подолга објава, Ристовска појаснува одредени суштински околности што не биле опфатени во јавно објавеното соопштение на судот.

Ристоска прашува како истите докази водат до две различни пресуди, прво осудителна, а потоа ослободителна. Оценува дека измените на Кривичниот законик од 2023 година не ја менува противречноста на одлуката, иако судијката се повика токму на нив.

– Судот експлицитно наведува дека доказите останале исти како во првата постапка, дека својата анализа и оцена на тие докази ги задржал непроменети и дека останал „конзистентен во одлучувањето”. Но од истиот тој доказен материјал, со иста оцена, судот еднаш изведе осудителна пресуда, а сега ослободителна. Ако ниту доказите, ниту нивната оцена не се променети, останува прашањето како истата доказна основа води до два спротивни исхода — објаснувањето дека сето тоа е последица само на измените на КЗ не ја отстранува оваа противречност, бидејќи измената на законскиот опис не менува што докажуваат доказите. Ова особено за делот од обвинението кој се однесува на законската обврска на Груевски по Законот за финансирање на политички партии, кој во образложението што судот јавно го објави воопшто не е спомнат, вели Ристоска.

Посочува дека предметот навлегува во завршна фаза на застареност во август годинава пто значи дека дури и во случај на жалба, Апелациониот суд реално нема доволно време мериторно да одлучи пред да настапи застареност.

– Конфискацијата на имот е можна кога кривичното гонење ќе застари, но не е можна по правосилна ослободителна пресуда.

Затоа ваквиот тек на настаните му ја отежнува можноста на обвинителството да бара конфискација во посебна постапка, при првостепена ослободителна пресуда, и клучно е прашањето дали ќе следи жалба од обвинителството и дали во фаза на жалбена постапка ќе се бара од Апелациониот суд да се произнесе по однос на конфискацијата, иако кривичното дело ќе биде застарено, појаснува Ристовска.

 

Пронајдете не на следниве мрежи: