Критичните минерали стануваат еден од најважните стратешки ресурси во светот, а САД се меѓу земјите што најагресивно инвестираат во нивно обезбедување. Американската администрација започна програма за создавање стратешки резерви од критични минерали вредна 12 милијарди долари, со цел да ја намали зависноста од увоз и да ги зајакне домашните синџири на снабдување за индустриите како автомобилската, енергетската, одбранбената, воздухопловната и електронската.
Во меѓувреме, Македонија располага со потврдени наоѓалишта на бакар и антимон, но нивниот економски потенцијал сè уште не е целосно искористен. Најголемото наоѓалиште на бакар е во Иловица, каде беше најавена инвестиција од околу 350 милиони евра за изградба на рудник. Според претходните проценки на „Еуромакс Ресоурцес“, проектот би генерирал просечен годишен извоз од околу 180 милиони евра во период од 23 години, што би значело раст од околу 4% на македонскиот извоз.
Истовремено, во реонот на Крива Паланка се спроведуваат истражувања за антимон, финансирани со пет милиони евра од Министерството за енергетика на САД преку Стратешкиот дијалог со Македонија. Во изминатиот период Вашингтон склучи и повеќе договори со Европската Унија, Јапонија, Канада и други партнери за обезбедување сигурни синџири на снабдување со критични минерали.
И домашната Стратегија за минерални суровини 2026–2046, изработена со учество на МАНУ, укажува дека ваквите меѓународни партнерства можат да претставуваат значајна развојна можност за земјите кои располагаат со минерални ресурси. Во документот се нагласува дека правилното управување со природните богатства, транспарентноста и меѓудржавната соработка можат да придонесат за економски раст и зголемување на производствените капацитети.
Паралелно со тоа, САД продолжуваат со нови вложувања во секторот. Министерството за енергетика во јуни одобри 15 милиони долари за формирање регионални конзорциуми во Невада и Џорџија за развој на нови синџири на снабдување со критични минерали, додека дополнителни 134 милиони долари се наменети за проекти во Минесота и Луизијана. Претходно, во мај беа распределени уште 45,7 милиони долари за 19 проекти за преработка на ретки земни елементи и критични минерали.
Додека водечките светски економии ги третираат критичните минерали како прашање на економска и национална безбедност и вложуваат милијарди долари во нивниот развој, Македонија сè уште се наоѓа во фаза на очекување на реализација на проекти кои би можеле значително да придонесат за економскиот раст, извозот и индустрискиот развој на земјата.
Пронајдете не на следниве мрежи:



