Се ограничува маржата на цената за вештачките ѓубрива, одлучи денеска Владата. Мерката ќе важи до 31 мај годинава.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски на прес-конференција рече дека целта е да се обезбеди достапност до ѓубривата и да се заштитат земјоделците од растот на цените.
Поточно, станува збор за две одлуки.
Со првата одлука, највисоката бруто профитна маржа на неорганските ѓубрива кај сите трговски друштва и трговци поединци се утврдува во вкупен износ до 5 проценти во трговијата на големо и во вкупен износ до 5 проценти во трговијата на мало, додека пак највисоката бруто профитна маржа за органските ѓубрива, органо минерални ѓубрива, биостимулатори, во трговијата на големо ќе изнесува до 10 проценти и исто толку во малопродажба.
Дополнително, се воведува обврска за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива. Трговците на мало се должни месечно да обезбедуваат и продаваат најмалку 70 проценти од просечната количина што ја набавиле во 2026 година, додека трговците на големо се обврзуваат да ги снабдуваат трговците на мало со најмалку 70 проценти од просечно продадените количини.
Со втората одлука се ограничува растот на цените на ѓубривата на домашниот пазар, односно се корегира продажната цена за 10 проценти намалување на залихите што ги имаат продавачите набавено по старите набавни цени.
– Овие одлуки се донесени врз претходна консултација и разговор со регистрираните увозници на вештачки ѓубрива, но и по основ на претходно направена анализа од страна на Државниот пазарен инспекторат каде што беше констатирано дека има раст на цените. Зголемувањата на цената на ѓубривата значи поскапо производство и притисок врз македонските земјоделци. Затоа целта на оваа одлука е да се стабилизира пазарот, да се намалат трошоците, како и да се заштити домашното земјоделско производство, изјави министерот Трипуновски.
Пронајдете не на следниве мрежи:


