четврток, 12 ноември 2026
Најново

СКОПЈЕ ЈА ДОБИ И ВТОРАТА ТАРТАН ПАТЕКА ВО ГРАДСКИОТ ПАРК

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

По позитивното искуство од првата патека, граѓаните на Скопје од денес имаат можност да се рекреираат и на втората тартан патека што е оформена околу големото езеро во вториот дел од Градскиот парк, во еден од најживописните делови на паркот.

Оваа патека е наменета за сите граѓани, а не само за професионалните спортисти.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

– Новата патека е со вкупна должина од 834 метри и е поставена кружно по должината на големото езеро во вториот дел од Градскиот парк. Во еден мал дел двете тартан патеки се преклопуваат, но тоа што е поважно е дека кругот кој го формираат двете патеки заедно изнесува точно 1000 метри. Граѓаните патеката ќе можат да ја користат и во текот на ноќта бидејќи се погриживме да ја осветлиме по целата должина со ново ЛЕД осветлување. Дополнително, околу патеката е поставена и соодветна урбана опрема и придружни содржини -инфо табли, чешми, клупи и корпи за џебен отпад – кажа на промоцијата на патеката градоначалникот Шилегов.

Шилегов додаде дека новата тартан патека заради сенките од околните дрвја кои ја штитат од сончевите зраци е поволна за користење и во летниот период кога паркот природно привлекува многу наши сограѓани кои криејќи се од летните температури доаѓаат тука да прошетаат, одморат и да се рекреираат.

За потсетување, пред две години Град Скопје ја изгради првата тартан патека, околу малото езеро, која е долга 534 метри.

Град Скопје и понатаму ќе продолжи да ги зголемува и уредува урбаните површини кои граѓаните ги користат за спорт и рекреација и на тој начин да ја унапредува животната средина создавајќи услови за развивање на здрави навики кај граѓаните.

Изминатиов период Град Скопје инвестираше многу за подобрување на условите за спортистите и рекреативците во паркот, каде покрај изградбата на двете тартан патеки, целосно е завршената и реконструкција на сите пешачки мостови, а во тек е и реконструкцијата на пешачките патеки.

Поврзани вести