Од следната година ќе се дозволи производство на Генетски модифицирана храна во земјава. Агенцијата за храна најави измени на Законот за безбедност на храна во кој точно ќе се дефинира како храна која содржи, е составена или произведена од генетски модифицирани организми може да се пласира на пазарот. Откако ќе се донесе законот сите оператори кои ќе одлучат да произведуваат ГМО храна ќе мора предходно да ги поминат строгите законски и подзаконски процедури на одобрување. Законот ќе дозволува праг на толеранција до 0,9 отсто и доколку содржи повеќе од тоа задолжително ќе мора да се декларира дека има Генетски модифицирани организми во неа.
Директорот на Агенцијата за храна Зоран Атанасов вели дека во моментов, врз основа на член 55 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храната („Службен весник на Република Македонија“ број 187/13) во Република Македонија е забрането производство, ставање во промет и увоз на храна и производи од храна кои содржат ГМО или се составени од ГМО, се до пристапувањето на Република Македонија во Европската Унија.
– Меѓутоа, врз основа на светските економски трендови за слободно движење на безбедната и здрава храна, а со цел овозможување на подобри услови за македонските оператори со храна за трговска размена со другите земји со што ќе се обезбеди позитивен економски ефект за Република Македонија, Агенцијата за храна и ветеринарство подготви текст на Закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храната. Во моментот, текстот е на финално усогласување со Секретаријатот за законодавство, пред негово проследување до Влада на РМ- вели Атанасов.
Што мислите дали е ова добра мерка?