Циклонот “Фани“ со сета сила удри на индискиот брег

Циклонот “Фани“ кој со сета сила ја погоди Индија, се смета за најсилна бура во земјата во последните 20 години. Утрово “Њу Делхи телевижн“ јави дека во бурата загинале најмалку три лица.
Силината на циклонот во северните делови на Бенгалскиот залив во последниве денови континуирано се зголемуваше, за утрово, околу осум часот, да го погоди брегот на сојузната држава Одиша, на истокот на земјата, соопшти државниот Индиски метеоролошки оддел. Оттаму соопштуваат дека обилните врнежи ќе продолжат, а силината на ветрот достигнува до 200 километри на час. Во последните 24 часа државата евакуираше повеќе од милион жители од најранливите места долж брегот.
Повеќе од 100 милиони луѓе по должината на источниот брег на Индија се загрозени. Циклонот “Фани“ е најсилната бура која го погодила овој дел на Индија од 1999 година, кога во тропски циклон загинаа најмалку 10.000 луѓе.
Училиштата и факултетите во Одиша не работат, распоредени се стотици припадници на тимовите за спасување, а на лекарите и другиот медицински персонал им е кажано да ги одложат годишните одмори до 15 мај. Аеродромот во Одиша е затворен, како и оној во Западен Бенгал. Властите им доставуваат храна и вода на најзагрозените.  Индиската Влада одвоила 144 милиони долари за помош на погодените подрачја, соопшти Си-Ен-Ен.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.