Шах торта

ЗА ПАНДИШПАНИ
8 јајца
16 лажици шеќер
16 лажици брашно
8 лажици топла вода
3 лажици какао
1 ванилин шеќер
1 прашок за печиво
ЗА ФИЛ
1 литар млеко
300 г шеќер
4 пудинга од ванила
250 г маргарин
250 г мелени ореви
100 г чоколадо
Со миксер изматете ги јајцата и шеќерот. Додадете ги водата, брашното, ванилиниот шеќер и прашокот за печиво, и измешајте ја смесата со лопатка. Половина од смесата нанесете во намрсен и набрашнет калап бр. 24.
Во преостанатата смеса додадете го какаото, промешајте и нанесете во друг калап со иста големина. Печете ги пандишпаните 20 минути на 200 степени. Откако ќе се изладат од секој пандишпан исечете по 4 круга, оставајќи го средишниот дел.
Во тенџере на оган ставете 700 мл млеко и шеќерот. Прашокот за пудинг размешајте го со преостанатото млеко и додадете во тенџерето. Откако пудингот ќе се згусне тргнете од оган и изладете.
Маргаринот изматете го со миксер. Додадете ги изладениот пудинг, оревите и растопеното чоколадо, и изматете го филот.
На чинија за торта ставете го најголемиот круг од жолтиот пандишпан и премачкајте ја внатрешноста со фил. Потоа ставете го вториот по големина круг од кафениот пандишпан и филувајте. Ставете го третиот жолт круг пандишпан и филувајте. Додадете го најмалиот кафен круг, филувајте и во средината ставете го средишниот дел од жолтиот пандишпан. Премачкајте со фил.
На истиот начин, само по обратен редослед наредете ги преостанатите филувани кругови пандишпан. Премачкајте ја тортата со преостанатиот фил, нанесете растопено чоколадо и украсете по желба.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.