ТАРАВАРИ: Ќе ги потпишам листите на моите сопартијци од фракцијата во АА


Сакам да им помогнам, да не се искомпромитираат докрај. Ова денеска го изјави претседателскиот кандидат на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, велејќи дека е подготвен на своите сопартијци од фракцијата во Алијанса за Албанците да им стави потпис на пратеничките листи доколку сакаат да одат самостојно на претстојните парламентарни избори на 8 мај.

Говорејќи во оваа насока, Таравари порача дека не би посакал неговите сопартијци – приврзаниците на Зијадин Села во Алијанса – да бидат на исти пратенички листи со Мендух Тачи од Демократската партија на Албанците (ДПА) и со Али Ахмети од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

„Не би сакал причина за тоа да биде тоа што печатите не се кај нив. Јас тврдам и ги повикувам – ако сакаат сами да излезат на изборите, јас ќе ги потпишам листите за да може да излезат сами, нема никаков проблем. Не би сакал тие да одат со ДУИ, зашто тоа ќе го погоди секој член и гласач на Алијанса за Албанците. Затоа не сакам да се искомпромитираат докрај, сакам да им помогнам“,

изјави денеска Арбен Таравари.

Расколот во Алијанса за Албанците се случи по превирањата меѓу Арбен Таравари и Зијадин Села околу прашањето за настапот на партијата на претстојните избори. Ставот на Таравари беше дека партиајта треба да оди на заеднички изборен настап со опозициските партии на Албанците, а позицијата на Села беше дека Алијанса треба да настапи самостојно на изборите.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.