10 дена до ОФФ-ФЕСТ – Trn.mk

Дваесет и третото издание на нашиот најголем и најзначаен фестивал на музиката на светот ќе се одржи од 6 до 9 јуни во Националната опера и балет, Младинскиот културен центар и Кинотеката на С. Македонија, со осум концертни настапи и два документарни филма. ОФФ-Фест 2024 ќе го отворат две големи имиња на африканската музика: БОМБИНО, еден од најреномираните претставници на прославениот „пустински блуз“, и јужноафриканските ѕвезди БИ-СИ-ЈУ-СИ, познати по својот афро-психоделичен транс и импресивните настапи во живо. Вкусниот микс од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет БОИ АКИ, во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер-група КУТУ, ветува беспрекорно фестивалско доживување. ВИСЕНТЕ АМИГО, најголемата ѕвезда на фестивалот, се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Пако де Лусија. Со две Греми награди зад себе, придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе го претстави своето фасцинантно творештво, коешто му донесе светска слава и придонесе неговото име да се стане референца за фламенко гитарата денес. Последната вечер на ОФФ-Фест ќе биде во знакот на три извонредни европски состави: фуриозниот полски гудачки квинтет ВОЛОСИ со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк миленици во подем КАЛАТА, како и познатиот српски модерен етно колектив НЕЈКИД. Во рамките на предфестивалската „програма плус“ ќе бидат премиерно прикажани и документарните филмови „Сезарија Евора” и „Агадез, музиката и отпорот“.

БОМБИНО

Омара ‘БОМБИНО’ Моктар е феномен. Гитаристот од Нигер е човек со приказна. Во неговата родна земја, тој е вистински култен херој меѓу младите Туарези, способен да го долови звукот на африканската пустина со неговите дисторзирани гитарски мелодии. Заедно со Tinariwen, Mdou Moctar и Vieux Farka Touré, Бомбино е предводник на експлозијата на високозаразниот пустински блуз/рок во светот последниве години. Неговата музика ја става гитарата во центарот на звучниот пејзаж, кој е комбинација на традиционалното и модерното. Експерт за создавање волшебни ритми, Бомбино ја слави културата на Туарезите, чувајќи ја од заборав. Инспирацијата од неговата музика лесно се забележува во модерните познати инди бендови како Khruangbin, GOAT или Dirty Projectors – Дејвид Лонгстрeт од последниве воедно го продуцираше албумот „Azel“ (2016). Претходно тоа беше Ден Ауербек од The Black Keys кој стоеше зад прославениот „Nomad“ (2013). Албумот „Deran“, пак, беше номиниран за Греми за најдобар world music албум, со што стана првиот изведувач од Нигер што добил ваква номинација. Во моментов, Бомбино го промовира својот седми албум „Sahel“, кој излезе минатата есен за култната Partisan Records. Без оглед на животните предизвици, Бомбино постојано граби напред во својата мисија да ја користи музиката за ширење љубов, разбирање, како и прекрасната туарешка култура низ целиот свет.

BCUC

Афро-психоделичниот септет БИ-СИ-ЈУ-СИ (Bantu Continua Uhuru Consciousness) е супергрупа од Совето, Јужна Африка, која ја доживува својата музика како хедонистички транс, но и како оружје за политичко и духовно ослободување во согласност со борбата за правда на претходните генерации. Звукот на БИ-СИ-ЈУ-СИ е истовремено современ и оригинален, самоуверен и моќен. Тој е исполнет со фанки грувови и хип-хоп сензибилитет, но и со репетитивни бас рифови, флејти и галопирачки ритми, како директно оддавање почит на надежта и борбениот дух на претходните генерации. Групата пее и зборува гласно за суровата реалност со која се соочуваат сиромашните работници во Јужна Африка, но во исто време, БИ-СИ-ЈУ-СИ не ја прикажува татковината како сиромашна, туку богата со традиции, ритуали и вера. Кога БИ-СИ-ЈУ-СИ настапуваат во живо, тие ја вовлекуваат публиката во вистински транс. И кога ќе присуствувате на концерт на БИ-СИ-ЈУ-СИ, тоа никогаш нема да го заборавите. Од нивниот деби албум „Our Truth“ објавен во 2016 година и следниот „The Healing“ (2019), тие го привлекоа вниманието на публиката на сите светски концертни подиуми и фестивали, вклучувајќи ги Glastonbury, Roskilde, Afropunk Brooklyn, Dour, Worldwide, Womad и многу други. Во моментов го промовираат албумот „Millions of Us“ (2023), кој доби одлични критики ширум светот.

БОИ АКИ

Повеќе од 25 години, пејачката и текстописец Моника Акихари и гитаристот и композитор Нилс Браувер се срцето и душата на БОИ АКИ. Безграничната љубопитност ги наведува на нови експерименти и откритија. Така, тие денес ги чувствуваат блиски музичките традиции од сите страни на светот – од модерен џез до класична Индиска музика, од Меланезиска, Африканска и Европска фолк до импровизирана музика. За музичарите, сите овие различни традиции и влијанија не се крајна дестинација, туку инспирација и почетна точка за музички развој. Тие можат да се забележат во бојата и текстурата на нивната музика, во сложените композиции и слободната импровизација, во употребата на вокалот и техниките на свирење, во смелите формации, а исто така и во необичната збирка на инструменти што ги користат – често изработени од нив самите и соодветно прилагодени на нивните индивидуални музички идеи. Уникатниот звук на Бои Аки произлегува од постојаната интеракција меѓу музичарите и изворите од кои тие црпат. Овој звук, изненадувачки нов, а сепак целосно препознатлив, ги обединува акустичните звуци и електронските звучни пејзажи со сестраниот, топол глас на Моника Акихари, која понекогаш пее на Англиски, а понекогаш на Харуку, јазикот на островот на нејзиниот татко. Во музичките проекти на Бои Аки, нивните длабоки, лични музички истражувања резултираат со хармоничен спој на навидум инкомпатибилни звуци, ритми и тоналитети, поништувајќи ги границите помеѓу старото и модерното, помеѓу музиката, приказната и поезијата и помеѓу Истокот, Западот, Северот и Југот.

КУТУ

КУТУ се формирани во Адис Абеба каде што францускиот виолинист и композитор Тео Секалди, повеќеслоен импровизатор и славна фигура на класичната музика и џезот во својата земја, го откри симбиотскиот глас на етиопската рок-пејачка Хејван Гебрeволд, добро позната на локалната вибрантна андерграунд музичка сцена по нејзиниот акробатски вокал и елегантни движења, како дел од 10-члениот рок бенд Јано. Заедно, тие се впуштија во авантура на создавање нов импровизаторски концепт кој ги спојува Азмари и Етио-џез корените со поезијата и грувот на светската урбана култура. Од поезијата на денешницата и селекцијата на етиопски племенски ритми, Тео Секалди гради сончев систем во кој се соединуваат импровизацијата, галопирачките вокали и панк енергијата, поддржани од моќна ритам секција и постава со заразна енергија: електро-вселенски клавијатури, древни перкусии, хипнотичен бас, заносен танц и небески гласови. Блескав етиопски транс состав, во кој слободата на џезот проникнува во суровата длабочина на Азмари звукот. КУТУ пленат и раздвижуваат со експлозија од волшебни ритми и енергија, наметнувајќи возбудлив танц, своевидна ведра духовност! Во Етиопија бендот се третира како еден вид НЛО поради својот речиси вонземски звук.

ВИСЕНТЕ АМИГО

ВИСЕНТЕ АМИГО ужива висок рејтинг во светот на фламенко музиката како еден од најкомплетните и највлијателните гитаристи од новата генерација. Недофатлив, мистериозен, енигматичен уметник, со фасцинантна чувствителност и ненадминлива длабочина. Висенте Амиго е роден 1967 година во Гвадалканал (Севиља), а израснал во Кордоба. Приврзан за гитарата уште од детството, албум по албум, тој се наметна како еден од најиновативните и најплодните современи музички творци. Од неговиот прв албум во 1991, тој успеа да создаде свој стил, суптилен и раскошен, отворен за другите музички стилови. Со право го нарекуваат „логичен наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Пако де Лусија“. Овој андалузиски уметник соработувал со најголемите фламенко ѕвезди како и со значајни уметници од други жанрови: Пако де Лусија, Камарон де ла Исла, Диего Ел Сигала, Естреља Моренте, Дејвид Боуви, Кит Ричардс, Боб Дилан, Џон Меклафлин и Ал ди Меола, Стинг… Покрај тоа што е Амбасадор на фламенко гитарата, Амиго е сопственик на две Греми награди и Златен медал за фини уметности. Придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе настапи на ОФФ-Фест, овозможувајќи ни да уживаме во музиката и композициите што придонесоа името Висенте Амиго да стане референца за фламенко гитарата денес.

ВОЛОСИ

ВОЛОСИ е феномен на светската музичка сцена. Бендот е основан во 2010 година кога виолинистот Кшиштоф Ласон и виолончелистот Станислав Ласон, длабоко во срцето на Карпатите, запознаа тројца исклучително талентирани традиционални музичари. Нивното деби на фестивалот The New Tradition во 2010 година им ги донесе сите можни награди. Една година подоцна, нивното дело „Dusk“ ја освои Гран при наградата „Svetozar Stracina“ на Европската радиодифузна унија (EBU) во Братислава за најдобра европска фолк композиција. Во 2012 година нивниот прв албум беше рангиран меѓу водечките на World Music Charts Europe. Оттогаш, Волоси се постојано на турнеја. Со текот на годините тие создадоа оригинален стил кој ѝ пркоси на дефиницијата: динамичен, исполнет со страст и софистициран во исто време. Надминувајќи ги границите на гудачките инструменти, тие отидоа многу подалеку од тоа, постигнувајќи нешто уникатно, израснато од карпатските корени, а сепак модерно, моќно и емотивно. Нивната музика е под влијание на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, што резултира со прекрасни, емотивни и прогонувачки мелодии кои одушевуваат и фасцинираат. Но, Волоси немаат само слатки мелодии, тие едновремено носат силна доза на енергија што покренува движења. Тие имаат преку 820 концерти низ целиот свет, со настапи на најпрестижните фестивали и концертни сали. Иако музиката на Волоси звучи толку познато, таа e навистина целосно оригинална и неповторлива.

КАЛАТА

КАЛАТА е неофолк бенд формиран во 2018 година во Скопје, кој започнува како проект на Симеон Ангеловски и Минела Богдановиќ. Препознатлив по својот автентичен звук, овој состав во својата музика исцртува паралела меѓу источната и западната култура, со посебен акцент на традиционалната македонска музика. Музичарите, без ограничувања, се потпираат врз своите чувства и инспирација, слободни да го свират она што нивната имагинација ќе го побара. Целиот концепт на бендот се заснова врз сензибилитетот и креативноста на младите музичари, кои преку љубовта кон модерните ритмови и музиката на својот народ го обликуваат оригиналниот звук на Калата. Од 2018 година, Калата има настапувано низ целата земја, вклучително и на Д Фестивал, Музичката конференција ПИН, Здраво Млади, Македокс, како и на некои европски фестивали: Mercat de Música Viva de Vic / MMVV (Барселона, Шпанија) и Balkan Most Festival: Showcase & Conference 2023 (Веспрем, Унгарија). Нивниот деби албум „Калата“ е подготвен и ќе биде објавен наскоро, во текот на 2024 година, а концертно ќе биде претставен на 23. OFFest. Калата е, во исто време, дел од MOST Music Programme – балканска музичка експорт иницијатива што поддржува „world music“ уметници и бендови од Балканот. Бендот денес брои 6 членови.

НЕЈКИД

Името НЕЈКИД е синоним за отворено срце и чиста душа. Идеите за слобода, надеж и љубов отсекогаш го инспирирале творештвото на овој српски бенд, еден од највиталните експоненти на денешната балканска world-music сцена. Naked се формирани 2006 година во Белград. Бендот веднаш го привлече вниманието на домашната публика, отскокнувајќи од другите појави на српската музичка сцена, благодарение на повеќеслојниот и енергичен музички израз, приемчивите, но во исто време интригантни авторски композиции, како и на компактното, добро координирано свирење. Музицирајќи заедно речиси две децении, имаат издадено пет албуми, концерти настапи ширум светот, од Чиле до Ј. Кореја и на познати фестивали како Colors of Ostrava, EXIT, Red See Jazz Festival, ACC Festival и др. Стилот на бендот е комплексен, непосреден, еклектичен. Елементи од балканските традиции, со медитерански, африкански и источноевропски примеси, во синергија со контурите на џез, фанк, рок, слободната музика и импровизацијата – сето тоа заедно го чини препознатливиот НЕЈКИД звук. All About Jazz ја нарече нивната музика акт на љубов, опишувајќи го бендот како хипнотизирачка формација и колектив чија музичка обединетост континуирано сугерира дека тука не станува збор за неколку музичари, туку за еден.

СЕЗАРИЈА ЕВОРА

Документарниот филм „СЕЗАРИЈА ЕВОРА“ исцртува моќен портрет на легендарната пејачка, жена родена во колониjалното Кабо Верде, која успеа се искачи во височините на музичкиот свет, во континуирана потрага по слободата. Приказната ги следи различните политички и социјални контексти на животот на Евора, но и универзалните теми како слободата и расната и родовата нееднаквост, илустрирани со бројни досега невидени архивски и оригинални снимки, и уникатни сведочења од луѓето што ја познаваа легендата. Режисерката Ана Софија Фонсека во овој филм користи повеќе техники за постепено откривање на духот на славната пејачка, моќната жена и инспиративната африканска икона. Филмот вклучува и актуелни снимки од Кабо Верде, омилениот дом на босоногата дива, доловувајќи ја поезијата на морето, земјата и воздухот што ја обликувале оваа фасцинантна жена и уметница.

За Туарезите, пустината е слобода. Музиката е моќ. Омара “Бомбино” Моктар, исклучителен туарешки гитарист Од Агадез, Нигер, ја користи музиката за да ја инспирира новата генерација да се адаптира на модерниот свет. Токму филмот „АГАДЕЗ, МУЗИКАТА И ОТПОРОТ“ го лансираше Бомбино како светска музичка ѕвезда. Започнува за време на неговиот егзил во Буркина Фасо, кратко по бунтовништвото во Нигер (2007), и го следи неговото враќање во Агадез каде тој го слави крајот на отпорот со неговиот легендарен концерт во Агадез. Оттогаш, Бомбино интензивно настапува низ целиот свет, раскажувајќи ја приказната за неговата култура и за фасцинантниот регион од каде што доаѓа. Филмот го следи и до Нешвил во 2012 година, каде што неговиот втор албум, “Nomad”, продуциран од Ден Ауербек од The Black Keys, го забрза неговото устоличување во планетарна музичка сензација.

Пронајдете не на следниве мрежи: