Мајами ја победи Оклахома, Лејкерси подобри од Њујорк

Божиќната понуда во НБА лигата донесе пет натпревари, на кои победи забележаа Мајами, Бостон, ЛА Лејкерс, ЛА Клиперс и Хјустон.

Мајами во реприза на минатосезонското финале ја победи Оклахома со 103:97, иако Кевин Дурент ја доби битката со Леброн Џејмс.
Дурент натпреварот го заврши со 33 поени, додека Леброн постигна 29 поени на кои придодаде осум скокови и девет асистенции. Натпреварот против Оклахома беше 46-ти во низа на кој Леброн постигнал најмалку 20 поени.
Преку 20 поени кај Мајами постигнаа уште Двејн Вејд (21 поен, три асистенции) и Марио Чалмерс (20 поени).
Кај Оклахома покрај Дурент двоцифрен број на поени постигнаа Расел Вестбрук (21 поен, 11 скокови), Серж Ибака (15 поени, 6 скока) и Кевин Мартин (15 поени).
Мајами на овој натпревар од линијата за слободни фрлања имаше ефект 19-19 што е вториот најдобар учинок во историјата на клубот, во 1993 година против Бостон Хит од линијата за слободни имаа ефект 30-30.
ЛА Лејкерси против Њујорк ја забележаа петтата победа во низа, откако на домашен терен триумфираа со 100:94. Последната четвртина, во која ’езерџиите’ примија само 16 поени беше клучна за конечниот победник.
Дуелот на двата тима, очекувано беше и пресметка на Коби Брајант и Кармело Ентони и двајцата мечот го завршија со по 34 постигнати поени.
Кај Лејкерси на Коби му асистираа Мета Ворлд Пис (20 поени, 7 скока), Двајт Хауард (14 поени, 12 скока), додека кај Њујорк покрај Ентони се истакна уште Џеј Ар Смит со 25 поени.
Коби Брајант на овој натпревар, по деветти пат постигна 30 и повеќе поени и стана новиот рекордер кога се во прашање натпреварите кои се играат на Божиќ, Коби на овие натпревари има постигнато 383 поени, претходниот рекордер бил Оскар Робертсон со 377 поени.
Коби е рекордер и според бројот на одиграните натпревари на Божиќ, суперстарот на Лејкерси има одиграно 15 мечеви.
Бостон Селтикс победија во Бруклин со 93:76, до триумфот ги предводеше Режон Рондо со 19 поени, пет асистенции и шест скокови.
Одлична партија во редовите на Селтикс пружија Дени Селинџер (16 поени, 7 скокови) и Џеф Грин (15 поени). Најголемите ѕвезди на Бостон Пол Пирс и Кевин Гарнет натпреварот го завршија со по осум постигнати поени. Кај Бруклин со учинокот се истакнаа Џералд Валас (15 поени, 6 скокови) и Брук Лопез (15 поени, 8 скокови).
Хјустон, предводен од турскиот репрезентативец Омер Ашик, на гостински терен, го декласира Чикаго со 120:97.
Ашик натпреварот го заврши со 20 поени, 18 скокови и три блокади, покрај него кај Хјустон се истакнаа Џереми Лин (20 поени, 11 асистенции) и Џејмс Харден (26 поени, 5 скока, 6 асистенции). Нејт Робинсон со 27 поени беше најефикасниот играч на Чикаго и воопшто на натпреварот.
ЛА Клиперси ја забележаа 14-та победа во низа, што е најдолга серија на победи на еден тим од почетокот на сезоната. Клиперси го победија Денвер со 112:100, кошаркарите на екипата од ЛА во втората четвртина постигнаа 42 поени.
Четворица играчи во победничката екипа постигнаа двоцифрен број на поени: Џамал Крафорд (22), Мет Барнс (20 поени, 8 скока), Крис Пол (14 поени, 8 асистенции), Блејк Грифин (13 поени, 6 скока, 6 асистенции).

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: