Јункер: продолжувaњето на помошта за Грција зависи од оцените на „тројката“ Атина

Продолжувањето на програмата за намалување на буџетскиот дефицит на Грција и можното доделување на дополнителна помош на оваа земја ќе зависи од извештајот на „тројката” на доверителите – ЕУ, ЕЦБ и ММФ.Во септември претставниците на странските кредитори Европската унија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, ќе ја дадат оцената како Грција ги исполнива своите претходни обврски, порача претседателот на Еврогрупата, луксембуршкиот министер за финансии Жан-Клод Јункер.

 

„Во однос на продолжувањето на програмата, морам да потенцирам дека тоа зависи од извештајот на ‘тројката’, која ќе се врати во Атина следните неколку седмици“, изјави претседателот на советот на министрите за финансии на еврозоната по состанокот со грчкиот премиер Антонис Самарас во средата во Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање, може ли Грција да се надева на трет пакет странска финансиска помош, Јункер изјави дека за тоа, исто така, треба да донесе решение „тројката“. „Лично, јас не се истапувам за поддршка на идејата за третиот пакет“, рече тој.

На Грција ѝ беа доделени два пакета странска финансиска помош, првиот од 110 милијарди евра доделен во 2010 година и, вториот, во износ од 130 милијарди евра во 2011 година, а исто така кредиторите отпишаа долг на државата кон приватните кредитори од околу 105 милијарди евра.

Претседателот на Еврогрупата, исто така, се заложи притив излегувњето на Грција од еврозоната, што може да се случи доколку се случи престанок на надворешната помош, како и потребата за финансирањето на своите обврски со печатење на националната валута во услови на банкрот.

„Силно се противам на излегувањето на Грција од еврозоната. Тоа апсолутно нема да ѝ помогне на Грција, а во исто време ќе претставува голема опасност за еврозоната“, рече Јункер. Тој, исто така, ги повика политичарите и аналитичарите, коишто предвидуваат напуштање на Грција на еврозоната, „да заземат потивка позиција“, за да не ги избркаат инвеститорите од амбициозната програма за приватизација, која ја спроведува Грција.

Притоа Јункер остави простор дека можноста за излез на Грција од еврозоната сѐ уште не е исклучена можноста, нарекувајќи ја нејзината ситуација „последната шанса“ Атина да ја добие следната транша.

„Натамошното буџетско заздравување има фундаментално значење и е услов за следната транша“, рече Јункер.

Кредиторите претходно најавија дека Грција нема да ја добие следната транша од 31 милијарди евра, доколку не се направи програма за заштеди во следните две години од по 11,5 милијарди евра, како што беше договорено претходно. Грчката влада, од своја страна, побара одложување на оваа мерка за две години, што укажува на многу подлабока од очекуваната економска рецесија во земјата. Падот на БДП-то во 2011 година изнесуваше речиси 7 отсто, а во 2012 година падот може да надмине над 7 отсто.

Според условите од пакетот помош во износ од 130 милијарди евра, договорен во март годинава, владата во Атина мора следните две години да ја намали потрошувачката за 5,5 отсто од БДП-то, односно во двете години по околу 11,5 милијарди евра.

За да се оствари нето заштеда од 11,5 милијарди евра, Грција  мора да преземе фискални мерки од номинална вредност од 13,5 милијарди евра, рече во средата соворник од грчкото министерство за финансии за Reuters.

Повикувајќи се на меѓуизвештајот на инспекторите на ЕУ и ММФ, германскиот неделник Der Spiegel во саботата пишуваше дека Атина во следните две години мора да заштеди дополнителни 2,5 милијарди евра на година. Потребата од дополнителната заштеда неделникот ја припиша на неочекувано високата рецесија во Грција и на помалите од очекуваните приходи од приватизацијата.

Пронајдете не на следниве мрежи: