Основата на една добро избалансирана диета

Основата на една добро избалансирана диета
Диета едноставно кажано преставува секој внимателно определен и набљудуван начин на исхрана, одреден со некоја цел или тенденција, а од страна на стручно лице.
Што содржи еден таков програм, дали е наменет за секого, има ли временско ограничување и дали поголема ефективност значи и подобар програм?
Постојат повеќе видови диети:
долгорочни општи диети за здравје и долговечност
клинички диети за лекување или дополнување на терапијата при одредени болести
краткорочни диети со одредена цел: намалување или зголемување на телесната тежина
диети за спортисти
Иако во пракса е тешко да се направи јасна поделба на вакви програми, затоа што ваквата поделба е премногу генерална, а денес кај една индивидуа се јавува потреба од запазување на повеќе параметри, што сепак води до заклучок дека со еден индивидуален, персонализиран режим на исхрана најмногу би се запазиле потребите на самата индивидуа и би се постигнал долгорочен ефект. Кога сме кај ефективноста на диетите, според мене, ефективна диета е добро избалансирана диета која дава видливи и долгорочни резултати. Не секогаш диетите за „брзо и сигурно слабеење“ значат и здрава исхрана, а уште помалку избалансирана.
Затоа е најдобро да се советувате со нутриционист пред да започнете со експериментални диети.
Овде ќе дадам еден стручен осврт на прво споменатите, општи долгорочни диети. Овие диети имаат за цел да воведат една индивидуа во правилниот начин на исхрана, и притоа да се создаде навика за практикување на истиот и во понатамошниот тек на животот, со цел превенција од болести, одржување на добро здравје и продолжување на животниот век. Најчесто се базира врз локалните традиции и храната присутна на поднебјето на кое се живее.

Основни принципи на една добро избалансирана диета
50%-30%-20%


Овој сразмер помеѓу основните нутриенти би требало да биде запазен. Во еден оброк, како и во вкупниот дневен внес 45-55% отпаѓа на јаглехидратите, 25-30% на мастите, а 15-20% на протеините.
Енергетската потрошувачка = енеретскиот внес
Секогаш внимавајте да потрошите приближно онолку калории колку што сте внеле или планирате да внесете во текот на денот. Доколку се почитува овој принцип, не може да дојде до вишок на енергија и натрупување во облик на масно ткиво.
Здрави јаглехидрати, масти и белковини
Освен процентуалната застапеност во вкупниот дневен внес, внимавајте и на квалитетот на макронутриентите.
– Здрави јаглехидрати: интегрални пецива и тестенини, житарки, скробни зеленчуци, овошје
–Здрави масти: ладно цедени масла, јаткасти плодови, путер, риба, млечни масти
–Здрави протеини: печурки, легуминози, риба, посно месо
Растителни влакна
Растителните или фибер влакна се всушност целулозни влакна кои ги има само во ѕидот на растителната клетка, а се исклучиво корисни за нашата цревна флора. Иако немаат нутритивно значење за човековиот организам бидејќи не се искористуваат како храна, играат голема улога во одржување на една здрава перисталтика, физиолошка pH-вредност и богата цревна флора. Диета богата со растителните влакна спречува опстипација(запек) и штити од разни болести на цревата, вклучувајќи и канцер. Препорачаниот дневен внес е 30г.
Течности
Добро хидриран организам е основа за добар метаболизам, а добар метаболизам е основа за добро здравје. Секогаш препорачувам да се пие најмногу од таа чудесна течност – нејзиното височество- водата! Иако препорачаниот дневен внес на вода е 8 чаши, препорачувам во топлите летни месеци да се пие и повеќе. Дел од оваа количина може да се замени и со природни свежо цедени сокови, незасладен ладен чај или минерална вода.
Антиоксиданси
Антиоксиданси се исклучиво важни супстанци, кои ја спречуваат осидацијата и создавањето на слободните радикали, кои прават големи штети на клеточно ниво.
Витамини, минерали, фитонутриенти, пигменти, флавоноиди, естри… овие есенцијални супстанци, неопходни во борбата против штетните слободни радикали ќе ги внесете доколку дневно внесувате по 5 порции овошје и зеленчук во различни бои, чаша црвено вино, морски алги, свежо цедени сокови итн.
Улогата на нутриционистот е да ги сумира сите фактори и да направи една квантитативна и квалитативна анализа, а потоа и комбинација на сите овие макро и микронутриенти и да Ви помогне во постигнувањето на Вашата цел, без разлика дали е тоа намалување или зголемување на телесната тежина или пак борба со некоја болест.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.