Пет европски земји бараат од Русија итен заем

Русија доби барања од пет европски земји за итна финансиска помош, пишува денеска московскиот весник „Независимаја газета“.

Весникот наведува дека оваа вест ја соопштил кон крајот на минатата недела рускиот министер за финансии Антон Силуанов. 

Од петте земји конкретни податоци постојат само за Кипар, кој е заинтересира за заем од Русија во висина од пет милијарди евра. Останатите земји рускиот министер не сакал да ги открие. Весникот шпекулира дека станува збор за Грција, Ирска и Исланд и уште една јужноевропска земја.

– Не сакам да кажам за кого станува збор. Тоа се неколку земји, поточно пет, кои ни се обратија. Нивните барања ги разгледуваме. Тоа не се големи земји, изјави Силуанов. 

Барањето на Кипар не е тајна, со оглед на тоа дека кон крајот на минатата година оваа земја од Москва доби петгодишен заем од 2,5 милијарди евра, со камата од 4,5 проценти.

Меѓу останатите потенцијално заинтересирани за руските пари весникот наведува и некои источноевропски земји, како Унгарија и Бугарија, а евентуално и Летонија и Литванија. 

Пронајдете не на следниве мрежи: