Зголемена продажбата на нови автомобили во САД во септември

Продажбата на нови автомобили во САД бележи раст во септември и го достигна највисокото ниво по повеќе од четири години, покажуваат податоците на специјализираната компанија Аутодата.

Минатиот месец во САД вкупно се продадени 12,8 отсто повеќе автомобили и лесни камиони отколку истиот период лани, а во 12 месечниот период заклучно со крајот на септември се продадени вкупно 14,94 милиони возила, најмногу од март 2008 година, покажуваат податоците на Аутодата.

Аналитичарите истакнуваат дека купците во САД го одложувале купувањето на нови автомобили за време на рецесија што е една од причините за сегашната засилена побарувачка. Напомeнуваат исто така и дека купувачите користат шанса што им се нуди со ниските камати и евтиното финансирање.

Опоравувањето на автомобилската индустрија во последните неколку месеци е силен ослонец за најголемата светска економија.

Јапонските производители и натаму бележат најголем раст на продажбата, откако се опоравија од застојот во снабдување со делови предизвикан од земјотресот и цунамито во март минатата година.

Тојота соопшти дека во септември продала 42 отсто повеќе автомобили за разлика од истиот период лани. Хонда извести за 31 процентен скок на продажбата, додека Крајслер продал 12 отсто повеќе автомобили од ланскиот период.

Вашингтон, 03.10.2012. (Макфакс)

Пронајдете не на следниве мрежи: