Турција ги продолжува нападите на Сирија

Турската армија во четвртокот повторно со артилериски оган нападна цели на сириската регуларна армија во областа на Тел Абџад, десет километри во сириската територија, соопштија турски безбедносни извори.

Турските артилериски напади започнаа во средата како одговора на минофрлачката граната којашто беше истрелана од сириска територија врз турското погранично место Акчакале при што загинаа пет цивили од едно семејство, четири деца и жена. Граната според турската страна била истрелана од подрачјето на Тел Абџад каде што се стационирани единици на регуларната армија на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Во првиот бран на турскиот артилериски напад загинале неколку сириски војници, соопштија тамошните извори.

Во средата навечер во Брисел беше одржан итен состанок на амабсадорите на земјите членки на НАТО по турско барање.

„Бомбардирањето претставува причина за најголема загриженоста на сите членки коишто силно ја  осудуваат таквата постапка. Нашиот сојуз цврсто стои зад Турција и бара итен прекин на агресивните потези против нашиот сојузник, и го повикува сирискиот режим на прекин на очигледното кршење на меѓународните закони“, се наведува во изјавата на НАТО по состанокот, одржан во согласност со членот 4 од Повелбата на Алијансата којашто повикува на консултации кога една земја членка смета дека е загрозен нејзиниот територијален интегритет и политичката независност.

„Нашите вооружени сили во пограничната област одговорија на тој гнасен напад во склад со правилата, со артилериски оган врз радарски одредени места во Сирија. Турција никогаш нема без одговор да остави такви провокации на сирискиот режим против нашата национална безбедност“, рече во средата доцна навечер турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.

Анкара, исто така, побара од Советот за безбедност на Обединетите нации да „ги преземе неопходните чекори“ за да се запре сириската „агресија“ врз турската територија.

Официјален Дамаск од своја страна официјално соопшти дека истражува кој стои навистина зад минофрлачкиот напад врз турската територија. Министерот за информации Омран Зоаби изрази сочувство на турскиот народ и повика на воздржаност, велејќи дека неговата земја го почитува суверенитетот на соседните земји.

Станува збор за досега најголемата ескалација на тензиите во турско-сириските односи во 18-месечниот сириски внатрешен конфликт во кој Анкара ја поддржува вооружената опозиција на сунитското мнозинство во Сирија коешто се бара заминување од власта на алавитот Башар ал-Асад.

Анкара, 04.10.2012 (Макфакс)

Пронајдете не на следниве мрежи: