Дејвид Камерон сугерира два посебни буџети за ЕУ

Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска сугерираше создавање на два посебни буџети на Европската унија, едниот за 17-те земји членки на еврозоната, а другиот за десетте членки на Унијата, како Велика Британија, кои не ја користат заедничката европска валута.

Идејата за два буџета, која Камерон за прв пат ја споменува како можност за која треба да се размислува, доаѓа непосредно пред дискусијата во Брисел, околу идниот седумгодишен буџет на Унијата, кој ќе се одржи идниот месец.

Според британскиот премиер кризата околу еврото и еврозоната, се повеќе ја видоизменува ЕУ, која во зоната на заедничката валута се повеќе и се посилно се интегрира, а тоа создава нова ситуација во целата Унија.

Камерон смета дека Велика Британија мора да се подготви за идниот изглед на ЕУ и да се определи, што е она што на земјата и одговара.

На отворањето на годишната партиска конференција на Конзервативната партија, што се одржува во Бирмингем, Камерон исто така им порача на своите европски партнери дека ќе стави вето, при одлучувањето околу идниот заеднички европски буџет, доколку тој е „спротивен на британските интреси“.

Изјавите на Камерон претставуваат одговор на лидерот на партијата на се посилниот притисок на десното крило на ториевците и на евроскептиците во партиските редови и меѓу пратениците, кои бараат одржување на референдум за идните односи со ЕУ и за напуштање на Унијата.

Коалицискиот партнер во Владата, партијата на британските либералдемократи меѓутоа се противи на евроскептицизмот и на референдумот за напуштање на ЕУ. Оваа партија, чиј лидер Ник Клег е заменик-премиер беше против и кога Камерон стави вето на спогодбата за финансискиот пакт за земјите од еврозоната.

Во интервју за „Сандеј Телеграф“ Камерон вели дека Велика Британија сигурно ќе стави вето на буџетот на ЕУ доколку тој е премногу висок.

– Ако европските лидери одбијат да извршат скратување на европскиот будзет“, онака како што сите земји во ЕУ прават со своите, домашни буџети, ние ќе ставиме вето, изјави Дејвид Камерон.

Пронајдете не на следниве мрежи: