Навивачкиот клуб „Секогаш верни“ доаѓа во Скопје

 

Околу 300 припадници на Клубот на навивачи „Секогаш верни“, кои насекаде ја следат хрватската фудбалска репрезентација, ќе пристигнат во Скопје во петок за да го проследат натпреварот Македонија-Хрватска.

„Доаѓаме со добри намери, не сакаме, ниту било кога сме направиле инцидент на фудбалските натпревари. Доаѓаме во Скопје со пријателски намери, меѓу нашите членови нема хулигани и предизвикувачи на нереди. Нашите членови ќе пристигнат со воз, авион и автомобили, тоа е бројка од околу 300 луѓе. Немаме намера да учествуваме во провокации и нереди. Се радуваме на овој спортски настан во Скопје и се надеваме на продлабочување на пријателството со македонските навивачи“, стои во соопштението кое до нашата редакција го испратија од оваа навивачка група. 

Хрватскиот фудбалски сојуз за натпреварот во Скопје доби 1.700 влезници, односно пет отсто од капацитетот на стадионот, како што е пропишано со правилата на УЕФА. 

Македонската полиција е подготвена за доаѓањето на навивачите на хрватската репрезентација, според портпаролот на МВР, Иво Котевски, досега се најавени два автобуса со хрватски навивачи, од кои еден во државата треба да влезе  на граничниот премин Блаце, а вториот во Македонија ќе влезе на граничниот премин Табановце.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: