Михајловиќ: Македонија е опасна, ќе биде тешко во Скопје

 

Фудбалските репрезентации на Македонија и Србија, во вторник во 20:30 часот во арената „Филип Втори” ќе ги одмерат силите во рамки на квалификациите за Светското првенство во 2014 година.

Двете репрезентации во петокот беа поразени на домашен терен, Mакедонија од Хрватска, додека Србија од Белгија.

Во пресрет на мечот, во понеделник прес конференција во Скопје одржа селекторот на српската репрезентација Синиша Михајловиќ.

Тој најави дека формациски нема да менува ништо, но дека ќе има одредени промени во неговиот тим.

„Против Белгија ги одигравме најдобрите 45 минути откако сум јас селектор и доколку ја повториме играта од првото полувреме од Белград, може да се надигруваме со секого и да победиме секого”, рече Михајловиќ.

Српскиот селектор не се согласува дека македонија нема да биде мотивирана по петочниот пораз од Хрватска.

„Македонија е добар тим, има неколку фудбалери што може да ни создадат проблеми. Има свои добри и лоши страни, а ние секако ќе се обидеме да ги искористиме лошите страни во нивната игра. Македонија е секогаш опасна, без оглед на поразот од Хрватска. Сè може да се случи, тука ќе влијаат многу фактори, на пример кој прв ќе постигне гол. Во секој случај, нè очекува тежок меч, што ќе биде отворен до крајот”, рече Михајловиќ.

Тој се осврна и на критиките по поразот од Белгија што ги упати на адреса на најискусните, Бранислав Ивановиќ и Александар Коларов.

„Разговаравме и анализиравме. Тие критиките ги разбраа позитивно. Критиките беа за нивно добро и доброто на тимот”, рече Михајловиќ.

Инаку Македонија на овој меч ќе игра без Горан Пандев, кој има два жолти картона, како и Ванчо Шиков, кој е повреден. Српскиот селектор смета дека тоа нема многу да влијае врз играта на домаќинот.

„Воопшто не е важно кој ќе игра, дали ќе биде тежок меч или не, ние сме сконцентрирани на нашата игра”, рече Михајловиќ.

 

Макфакс

 

Пронајдете не на следниве мрежи: